Најчести невистини за спонтаниот абортус

Поминувањето низ спонтан абортус е навистина болно искуство, па природно е идните мајки да се загрижени што потоа ги очекува. Бидејќи темата е чувствителна и непријатна, може да се слушнат невистини. Добрата вест е што „вашиот животен стил и однесување претходно, не се одговорни за овој настан“. Или според зборовите на стручните лица „ многу мал е процентот на нештата кои жената може да ги направи во бременоста, а да се причинители на спонтан аортус„. Впрочем 60% од спонтаните абортуси во првото тромесечије се последица на генетски причинители како абнормалности на хромозомите. Еве кои (не) се другите најчести причини
Ако сте имале еден, сигурно ќе имате уште еден спонтан
Шансите да имате втор спонтан, по првиот, не се ништо поголеми како по нормална бременост и породување, објаснуваат стручните лица. Како и да е, по два спонтани, ризикот за трето несакано прекинување на бременоста, се зголемува до 20%. По три спонтани, тој процент на ризик е до 30%, по 4 оди до 40%. Но, имајте во предвид дека и ако сте имале четири спонтани абортуси, сеуште имате 60% шанси дека следната бременост ќе ја износите без проблем. Доколку жената помине низ повеќе ( над 3) несакани абортуси мора да направи детални прегледи кај репродуктивен ендокринолог, кој ќе ја открие причината. За среќа многу причини за спонтан, како хормонални неправилности, автоимуни болести или антифосфолипиден синдром (познат уште како Хјузов синдром) можат да бидат успешно третирани со хормонски терапии или други медикаменти. Ако причината е некоја неправилност во матката или цервиксот, денес тоа лесно се решава по оперативен пат.
Слабо крварење или контракции индицираат спонтан абортус
Разбирливо е дека секоја трудница ќе се исплаши ако ги има овие симптоми, но тие се многу чести во раната бременост и вообичаено нема потреба од загриженост.
„Крварењето во првото тромесечије се случува кај 40% бремени жени, а слабите контракции, всушност се предизвикани од ширењето на матката“ – објаснуваат лекарите. Во ваков случај важно е да му се обратите на својот лекар кој треба да ја најде причината за крварењето или контракции и да обрати внимание на понатамошниот тек на бременоста.
Ако чувствувате константна болка особено на двете страни од карлицата, веднаш пријавете кај лекарот. Можно е да е знак за вонматерична бременост, сериозна и опасна состојба, која мора да се третира веднаш.
Секоја болест во првото тромесечије, го зголемува ризикот за спонтан
Настинка, проблеми со синуси, дури и стомачен вирус, не се болести кои можат да влијаат лошо на бременоста. Као и да е, покачената телесна температура над 38.8 ° С, е доволна причина за загриженост.
„Високата телесна температура може да го убие фетусот во првите осум недели од бременоста„ предупредуваат лекарите. Затоа ако се разболите и имате промени во телесната температура задолжително консултирајте се со лекарот, кој можеби ќе ви одреди терапија. Ако имате бактериска инфекција, како болно грло или инфекција на синусите, прашајте го лекарот за тоа кои антибиотици би биле безопасни да се земаат во рана бременост. Труењето со храна, е многу сериозно и некогаш може да биде причина за абортус. Затоа им се советува на трудниците во тек на бременост да избегнуваат храна како хот дог, недоволно термички обработено месо, риба, сини сирења и др.
Абортус во минатото ги намалува шансите да ја износите сегашната бременост до крај
Ако сте имале планиран абортус во минатото, сигурно вашиот гинеколог е запознаен со тоа, дури и ако сте имале една или две процедури, тоа не треба да влијае новата бременост да ја износите до крај. Нема никаква врска ни дали абортусот бил индициран со медикаменти или оперативно. Според најновите истражувања, сепак се укажува дека и покрај малкуте информации, три и повеќе планирани абортуси, може да направат проблематични промени во цервиксот. Исто така се додава дека ако периодот помеѓу планираниот абортус и новата бременост е помал од три месеци, постои ризик за спонтан.
Вежбањето во бременоста ги зголемува шансите за спонтан
Нема никакви докази дека вежбањето може да е причина за спонтан. Најголем дел вежби се така прилагодени да се сосема безопасни за бремените жени. Секако треба да се избегнуваат ризични спортови како фудбал, кошарка, јавање, скијање и др. Изберете лесни вежби, пијте многу течности во тек на вежбањето, внимавајте да не го загревате телото премногу и нема потреба од загриженост. Според најновите сознанија жените кои вежбаат во тек на бременоста ги намалуваат за 40% шансите за спонтан абортус. Исто така вежбањето помага во одржување на телесната тежина, а и го олеснува породувањето.