Училиштето од соништата постои
„Доа училиштата“ (Doğa Schools) се синџир приватни училишта во Турција кои засега ги има 100, а од нив 40 се сместени во Истанбул. Во посета на едно од тие училишта беа и гостите на 11 самит на Интел кој беше посветен на образованието.
Во пријатна и топла атмосфера на Доа колеџ (Doğa Koleji) учениците се школуваат на англиски јазик и тоа од градинка до средно. При тоа на располагање имаат семинарски сали, дигитални библиотеки, научни лаборатории, еколошки училници, 3Д училници, музичко, за танц и студио за снимање, затворени базени, отворени и затворени сали за вежбање, училница за шах, за форензика, роботика и училница опремена со дримбоксови. Сите училници се опремени со најсовремена технологија од Интел и Микрософт, а така е и со ходниците каде на секој чекор има компјутери, таблети, роботи и огромни дигитални табли, кои учениците можат кога сакаат да ги користат, но при тоа тие постојано учат. Едноставна е филозофијата овде – „дајте им ја на децата најновата технологија, но за да учат“.
Училиштето преку интернет сајтот им овозможува на родителите постојан мониторинг во е-дневникот за тоа што нивните учат и како напредуваат. Така на пример можат да го проверат распоредот на часови, што се работело на часовите, резултати од тетови, детални извештаи, датуми за тестирања, фидбек од наставниците и др.
Доа колеџ едноставно е место во кое се остваруваат соништата на родителите и децата кога е во прашање едукацијата, а тоа е да се престојува и учи во чисти и најсовремени услови.