На забар без страв
Дојде време за првата посета на забар, која за вашето дете во претшколска возраст, може да биде нешто најстрашно на свет. Дури и спомнувањето на зборот – забар, може да предизвика солзи, страв и нервоза.
Да се биде во такво расположение кога се оди на забар, е сосема нормална реакција од детето, поради тоа што е ново непознато место, полно со непознати звуци, чудни мириси и маскирани луѓе. Помогнете му да го надмине тој страв.
Побарајте ординација која е опремена за деца
Пријатна чекална – кога ќе влезете можете да видите дали ординацијата е токму за деца, поради чекалната полна со играчки, детски книги, игри и сл. Дури може да има и огромен аквариум. Додека чекате, детето ќе се занимава со нешто и нема да мисли на она кое го очекува, а така и стравот ќе се намали.
Објаснувања кои ги разбира детето
Стоматологот кај кој одите и персоналот во ординацијата мора биде пријателски настроен и трпелив. Забарот кога ќе работи со детето мора да ја користи техниката кажи-покажи-направи. Пред секоја нова процедура и земање нов инструмент, материјал треба да му каже на детето што е тоа, за што служи, како се користи и потоа да ја почне процедурата. Во некои ординации можно е да имаат и на таванот залепни интересни слики кои детето ќе ги гледа додека тој работи или пак стол со слушалки од кои ќе слуша пријатна музика.
Подгответе го детето што да очекува
Не му давајте информации многу порано. Само кажете му го она кое е најважо и на едноставен начин.
– Ќе ти ги избројат запчињата.
– Ќе ти ги исчистат.
– Ништо од тоа што ќе ти го прават нема да те боли.
– Докторот ќе те прегледа. Ако нешто ти пречи или ти е непријатно, можеш да му кажеш и тој ќе те разбере.
– Ќе правиме вакви редовни посети два пати годишно.
Бидете таму за првиот преглед
Мама или тато мора да е внатре во ординацијата на првиот преглед. За да не се збуни детето слушајќи инструкции од повеќемина, најдобро е да бидете тивок набљудувач. Следната посета детето ќе биде подготвено само да влезе внатре.
Трикови за нервозни родители
Децата имаат радар за забележување емоции. Ако сте нервозни за посетата на забар, подобро не зборувајте многу. Ако баш чувствувате дека морате нешто да кажете, бидете општи, не давајте детални изјави и кажете му дека забарот ќе му објасни и покаже сè што го интересира, пред да прави нешто.
Забавувајте се кога сте со детето на забар. Реакцијата од првата посета може да ве изненади пријатно. Често децата се комплетно опуштени и не се плашат.