Дали сте подготвени за родителство?
Да се стане родител, колку и да изгледа лесно, е нешто кое бара да направите многу промени во вашиот живот, почнувајќи од планирањето на бременоста, до сите тековни навики.
Здравјето е најважно, ако се решите да забремените. Колку сте во подобра здравствена и психичка состојба вие и партнерот, поголеми се шансите за лесно и навремено забременување, а и одржување на здрава и лесна бременост и породување. Здравјето на идниот татко е подеднакво важно, како здравјето на идната мајка.
Нема сомнеж дека доаѓањето на новиот член во вашите животи ќе внесе многу промени, затоа време е да почнете на време да планирате и размислувате за многу нешта, а и за тоа како тие промени ќе влијаат на вашите животни навики.
Време – скоро секој од нас живее брзо, секојдневно под стрес, со многу обврски. Идните родители, најчесто веруваат дека новиот член лесно ќе се вклопи во таквото темпо на живот и сè ќе продолжи по стариот тек. Но, тоа не е така. Бебињата и децата имаат потреба од многу внимание и време, а како родители, вие ќе имате помалку време еден за друг, како и за луѓето со кои порано се дружевте.
Финансии – колку и да заработувате, сигурно ќе ви се потребни 20 – 30% од примањата за потребите на вашето дете, како што се – облека, играчки и друго. Исто така треба да размислувате за здравствената грижа на детето. Дали едниот родител ќе остане дома за да се грижи за детето неколку години или двајцата ќе се вратат за брзо време на работа? Ако е така потребна дали ви е потребна дадилка или ќе се решите за градинка? Морате добро да ги испланирате нештата, оти да се има дете е голема одговорност. Секако дека финансиите не се најважни, во споредба со новата радост во семејството, но добро е на време да се размисли за сè.
Социјален живот – вашата врска со партнерот, по раѓањето на бебето ќе се смени, како и врските со другите луѓе. Сигурно ќе се почувствувате поблиски со вашите родители, сега веќе баби и дедовци на вашето дете, но исто така е голема веројатноста да се оддалечите од пријателите кои немаат деца или се сингл, бидејќи имате многу помалку заеднички работи. Добро е да создадете нови пријателства со други родители, што ќе ви овозможи да споделувате искуства и да учите едни од други.
Диети и вежбање – потребно е и двајцата да бидете во добро здравје и состојба, оти само така можете да зачнете лесно и да имате здрава бременост. Хранете се здраво, со помалку масти, повеќе свежо овошје и зеленчук. Бирајте храна богата со фолна киселина, која ако ја немате во доволни количини, може да дојде до појава на несакани состојби и болести кај новороденчето (како спина бифида). Добро е ако вежбате редовно, оти во бременоста настануваат големи промени во организмот, кој само ако е здрав може лесно да ги издржи.
Цигари – една од најлошите навики која носи само штета на вашето здравје, како и на шансите за забременување. Пушењето може да предизвика проблеми со спермата и јајце клетките. А ако пушите во тек на бременоста штетите се огромни. Исто така не е во ред и ако вашиот партнер пуши, па вие сте изложени на пасивно пушење. Ако не запре со оваа штетна навика, проблеми можат да настанат и кај бебето. Кај децата на родители пушачи, правени се испитувања на седум годишна возраст и забележано е дека не напредуваат во развојот за разлика од врсниците, како и дека имаат проблеми во учењето. Ако сте пушачи вие и партнерот, време е да размислите за прекинување на оваа штетна навика.
Возраст – ако сте во добро здравје и состојба, забременувањето не треба да биде потешко во вашите 30-ти години, отколку во 20тите. Без разлика на која возраст сте, можете да имате нормална и лесна бременост и породување, иако проблемите како стерилитет, најчесто се карактеристични за повозрасните родители.