Домашно пита лепче
Состојки:
– 1 чаша топла вода, 2 лажички сув квасец, 2 ½ – 3 чаши брашно, 2 лажички сол., 1- 2 лажички маслиново масло (по желба)
Приготвување:
Измешајте ги водата и квасецот, па оставете ги на страна малку додека се раствори квасецот. Додајте 2 ½ чаши брашно (оставете ½ чаша за подоцна), сол и маслиново масло (ако користите). Месете додека се поврзат состојките. Ставете на работната маса малку од брашното кое го оставивте и размесете го тестотот, 5- 7 минути, додека стане воедначено. По потреба додавајте од брашното по малку, за да не ви се лепи тестото за рацете. Готовото тесто оставете го да стасува во сад подмачкан со малку маслиново масло. Покријте го садот со најлонска фолија и нека стасува додека се удвои количината ( 1- 2 часа). Во оваа фаза можете и да го замрзнете тестото, па да го користите по потреба. Може да стои во фрижидер една недела. Поделете го тестото на еднакви 8 топчиња, по потреба додајте уште од брашното, па покријте ги со чиста крпа, додека дојде време за печење. Од секое топче со сукало формирајте кружен диск, истресете го вишокот брашно. Готовите пита лепчиња ставете да ги едно по едно (или ако е поголем плехот по 2- 3) се печат во загреана рерна на 220 степени на загреан плех. Нека се печат 3- 4 минути. Кога ќе се подуе целото пита лепче ќе знаете дека е готово. Ставете го во сад и покријте го со чиста крпа, додека ги печете другите. Исто така можете да ги печете горе на шпоретот во загреана тефлонска тава, со неколку капки маслиново масло. Кога од едната страна ќе биде печено, по 1 – 2 минути, превртете ги од другата страна. Треба да се подујат и формираат голем џеб на средина. Ако не се подујат, значи не е доволно загреан садот во кој готвите. Но и во тој случај ќе бидат вкусни и можете да ги искористите како тортиљи. Готовите пита лепчиња можете да ги јадете така или да ги пресечете на пола, па да ги наполните со состојки по желба и да добиете одличен сендвич.