Адолесцентна депресија- секоја насмевка не е насмевка
Адолесцентната депресија е мошне честа појава која тешко се препознава, бидејќи лесно се прикрива поради што е позната и како “депресија со насмевка”. Сложеноста станува уште поголема бидејќи многу фактори се испреплетуваат.
Компликациите и последиците се големи, а понекогаш фатални. Ова е подмолен феномен, бидејќи трае, се случува, а не се забележува, сè додека не дојде до сериозни последици. Гледајте го однесувањето на вашиот адолесцент, можеби ќе препознаете нешто. Карактеристични симптоми се намалување на училишниот успех, повлекување, криминални дејствија, употреба на дрога, алкохол и промискуитетно однесување.
Тежината во дијагностицирањето се случува бидејќи адолесцентите умешно ја кријат додека се во фаза на умерена депресија, имаат тмурни фантазии, дневно мечтаат и песимистично размислуваат. Овие навидум карактеристични однесувања за овој развоен период можат да се објаснат со хормоналните промени, но не е секогаш така.
Доколку се дијагностицира дека станува збор за адолесцентна депресија, се пристапува сериозно и длабоко. Задоцнувањето, грешките во диференцијалната дијагноза, грешниот третман, можат да преминат во сериозно душевно растројство или да завршат фатално.
М-р развоен психолог/сов.психотерапевт – Розалија Секулоска