Пилешка чорба со зеленчук и тестенини
Состојки:
– 2-3 компири, 2-3 моркови, 2-3 парчиња печено пилешко бело месо, 1 главица кромид, тестенини за супа или нудли, чешне лук, пилешки бујон од коцка, зачин за пилешко, магдонос, неколку листови лавор и копар (по избор), маслиново масло, сол и црн пипер
Приготвување:
Пилешкото месо зачинете го и испечете го или пак ако имате останато од претходниот ден од ручек можете да го искористите. Додека се пече излупете го и измијте го зеленчукот, па еден дел од морковите исечете го на кругови, а остатокот исечкајте го ситно. Компирите исечете ги на крупни парчиња, а тестенитите искршете ги на ситни парчиња.
Готовото месо исечкајте го на крупни парчиња. Во голем сад ставете ги морковите, компирите, пилешкото, 8 чаши вода, листовите лавор и една лажица сол. Оставете да зоврие, намалете ја температурата и варете околу 10 минути. Додајте ги тестенините, измешајте и потоа варете уште пет минути.
Во тава на масло ставете го исечканиот кромид да се пржи на масло, додајте го сечканиот лук и пржете да се карамелизира. Потоа додајте го морковот, зачинете со сол и црн пипер по вкус и додајте малку од зачинот за пилешко, пропржете и потоа налејте со пилешки бујон. Измешајте и варете неколку минути со повремено мешање. Потоа ова додајте го во садот со супа, нека зоврие па намалете да се вари пет минути или додека скроз се сварат компирит и морковите. Зачинете со магдонос и копар, измешајте и покријте го садот да отстои малку.