Памучна облека за бебиња со егзема
Егземa или атопичен дерматитис е осип на кожата кој може да се појави кај бебиња од неколку месеци и деца до пет години. Не е зарaзна болест, туку генетска и според дерматовенеролозите, најголем проблем е што предизвикува црвенило, чешање и чувствителност на кожата. Проследена е со појава на суви лушпи и ситни меурчиња кои пукаат и се влажни.
Иако може да се појави било каде, најчесто се појавува на образите, зглобовите од рацете и нозете. Кај мал број деца егземата е проблем кога ќе пораснат, бидејќи најчесто до петтата година овие проблеми сами исчезнуваат. Децата со атопичен дерматитис имаат зголемен ризик за појава на алергиски ринитис и бронхијална астма. Негата на бебешката кожа е прв чекор да се изборите со егземата во почетен стадиум. Исто така лекарот ќе ви препорача кои креми конкретно треба да ги користите.
Како да ја негувате бебешката кожа која има егзема?
- Бањајте го бебето со млака вода и користете масла или хидрантни сапуни од кои кожата ќе стане помека, а со тоа се намалува иритацијата. Еднаш неделно избањајте го бебето со благо средство за дезинфекција на кожа.
- Никогаш не ја тријте кожата со пешкир, туку со мека ткаенина нежно тапкајте по кожата.
- Хидрирајте ја кожата по бањање, со лосион или креми додека е сѐ уште малку влажна.
- Облекувајте му чиста и исклучиво памучна облека, бидејќи вештачките и синтетички материјали како и волната, кои се во директен контакт со кожата можат да ја влошат состојбата.