Загуба на бебе во која било фаза од бременоста е поразително
Неочекуваниот прекин на бременоста е почесто отколку што веројатно мислите, но, никогаш немојте да помислите дека тоа е ваша вина.
Доживувањето на спонтан абортус или раѓање на мртво дете може да биде многу трауматично за двајцата родители. Губењето на бебето е смрт за која треба да тагувате, исто како кога ќе изгубите која било друга сакана личност.
Секако дека ќе ви биде потребно време да ја прифатите ваквата немила случка и ќе треба ментално да се прилагодите на животот без иднината што ја очекувавте. Може да тагувате не само за бебето што сте го изгубиле, туку и за вашето чувство за себе како родител и за вашите планови и надежи за иднината.
Можеби на почетокот ќе се чувствувате празно или ќе ви биде тешко да поверувате дека тоа е вистина. Може да поминете низ лутина, тага, конфузија и депресија. Може да имате и физички симптоми како проблеми со спиењето или постојано да сакате да спиете, тешкотии со концентрирање, губење апетит. Она што е важно е да си дадете време да тагувате за да можете да заздравите физички и емоционално.
Едно од најтешките нешта е справувањето со тоа како другите луѓе реагираат. Но, тие можеби не сфаќаат колку тоа е болно за вас, или можеби нема да зборуваат за вашата загуба затоа што мислат дека тоа ќе ве вознемири. Запомнете, на другите луѓе исто така им е тешко да се справат со губењето на вашата бременоста, дури и на здравствените работници. И не заборавајте дека и децата треба да тагуваат и да се справат со загубата, па ако имате други деца, важно е искрено да им објасните што се случило и отворено да одговорите на сите нивни прашања.
Она што не треба да го заборавите е дека секој е различен и времето потребно за да се чувствувате подобро може многу да варира од личност до личност. Многумина ќе помислат дека треба да се обидат за друго бебе што е можно поскоро, но повторното забременување нема да ја намали тагата. Затоа можеби е најдобро прво да си дозволите да тагувате онолку време колку што сакате.
Ако се случи набрзо повторно забремените, нормално е да се почувствувате вознемирени. Добра идеја е да разговарате со вашиот лекар за тоа што ве мачи, особено ако се чувствувате како вашите стравови и грижи да завземаат сè поголем замав.