Женско или машко?
Ако сте бремена сигурно сите околу вас се трудат да предвидат какво бебе носите. Од веќе познатите трикови со истурање неколку зрна сол на главата од трудницата (па дали ќе се фати за нос или за глава) до други разни предвидувања, мора да сте слушнале. Но, ова не е својствено само за кај нас. И во другите земји низ светот се практикуваат разни „методи“ за утврдување на полот на бебето. Некои одат дури и до моментот на зачнувањето како важен за тоа каков пол ќе биде бебето.
Еве неколку интересни начини за предвидување на полот на бебето – барем да се забавувате додека ги читате. Или можеби ќе ни јавите ако се точни?
Полна или млада месечина – ако првиот циклус ви изостанал (што е еден од првите знаци за бременост) во полна месечина, тогаш носите машко! А ако тоа се случило кога била млада месечина, тогаш девојче.
Слатко или кисело – ако трудницата е стрвна за благо, ќе роди машко бебе, а ако во тек на бременоста сака да јаде кисело, дефинитивно е бремена со девојче. Не, не се обидувајте да си ја смените желбата за одреден вкус, впрочем и онака се работи само за предвидување.
Широки колкови – се знак дека сте бремена со женско. Ако ви останат во нормална состојба, т.е не се здебелите во овој дел од телото, носите машко.
Линеа негра – линијата која се појавува во второто тромесечие на средината од стомакот, поточно од под пупакот до пубисот, ако е права и јасна, очекувајте момче, а во спротивно девојче.
Бојата на брадавиците – кај секоја трудница во тек на бременоста се забележува потемнување на ареолите од брадавиците на градите. Е, според некои верувања, ако таа боја е кафеава, до темно кафеава, тогаш носи машко, а ако е многу темна (црна, но не катран црна) носи девојче.
Кожата на лицето – ако забележите дека кожата на лицето ви потемнува и изгледа лошо, сте забремениле со машко. Но доколку кожата ви се исчисти и стане нежна, убава, ќе бидете мајка на девојче.
Локацијата на главата од бебето – според некои верувања, ако мајката ја чувствува главата на бебето на левата страна од стомакот, носи машко, а на десна страна ако носи девојче.
Термин за раѓање – интересно е тоа што според ова предвидување, ако породилните болки почнат порано од предвидениот термин (одреден од лекар) ќе родите машко, а ако го надминете терминот, тогаш голема е веројатноста да родите девојче.
Породилни болки – додека сте во болки, ако ги чувствувате од двете страни на грбот и стомакот, очекувајте машко. Тие сакаат да направат голема врева кога доаѓаат! А ако болките ги чувстувате само во стомакот – тогаш доаѓа девојче.