Време е за прва прошетка
Едно од најчесто поставуваните прашања од страна на родителите кои добиле принова е, кога да биде првата прошетка со нивното бебе надвор во природа. Секако дека престојот на бебето и мајката на свеж воздух е предуслов за здрав развој на бебето, го подобрува сонот, апетитот, расположението, го подигнува имунитетот и ја подобрува општата состојба на детето. Но неговото прилагодување треба да биде постепено.
Првите денови може да го изнесувате по 10-15 минути, а потоа постепено да го продолжувате престојот надвор.
– Ова се препорачува поради незрелост на терморегулациониот центар и огромното влијание на надворешната температура врз телесната температура на новороденото. При тоа се подразбира дека безбедното време за престој на вашето бебе надвор зависи и е во директна корелација со временските услови – едногласни се педијатрите, и советуваат дека најдобро е прошетката да не биде во време која сонцето е многу силно ( во тек на летните месеци ), кога дува силен ветар или има појак дожд или грмотевици поради што влажноста на водухот е многу висока.
За да прошетката биде пријатна и избегнете дополнителни стресови, најдобро е пред да излезете, да го пресоблечете и нахраните бебето. Тоа ќе биде максимално мирно и задоволно ќе ужива во прошетката, а и вие покрај него. И запомнете, секогаш облекувајте го на слоеви за да му овозможите идеална телесна температура. Во текот на прошетката проверете го повремено – дали е вознемирено, раздразливо, се поти, има заруменети образи…тоа значи дека му е премногу топло и соблечете еден слој од облеката.