Водата е од витално значење за децата
![Водата е од витално значење за децата](https://roditeliideca.com.mk/wp-content/uploads/2013/03/voda2.jpg)
Само затоа што децата имаат помали тела, не значи дека тие имаат и помали потреби во споредба со возрасните. Водата е всушност една од важните хранливи состојки за децата.
Според една студија објавена во Архивите на болестите во детството, повеќе од 70% од предучилишните деца никогаш не пијат обична вода. Што всушност тие пијат? Засладени безалкохолни пијалоци, овошни сокови, или пијалоци со вештачки засладувачи. Да, сите овие пијалоци всушност имаат вода во нив, но исто така го дехидрираат телото затоа што на телото му е потребно вода за да ги обработи овие засладени пијалоци. Друг голем здравствен проблем поврзан со конзумацијата на овие засладени пијалоци е исто така и корелацијата со дебелеењето (обезитас). Стручната јавност ширум светот верува дека внесот на овие пијалоци е главната причина за дебелеењето во детската возраст. Според Клиниката Мајо во САД, во текот на изминатите 30 години стапката на обезитас во САД повеќе од двојно се зголемила кај предучилишните деца и кај адолесцентите, и повеќе од три пати се зголемила кај деца на возраст од 6 до 11 години.
Се поставува прашањето – каков бенефит може да има нашето тело од водата, а особено кај нашите деца? Целата анатомија на телото зависи од водата како и функционирањето на системите. Водата е единствениот начин нашето тело да се ослободи од токсините пред тие да го затрујат нашето тело. Затоа е од огромна важност децата и возрасните да добијат соодветна количина на вода.
Потребните дневни количини вода за пиење зависат од повеќе фактори: возраст, пол, физичка активност, климатски фактори, некои посебни патолошки состојби (на пример покачена телесна температура, повраќање, проливи) кои ја зголемуваат потребата од поголеми количини на течност и сл. Препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за возрасна личност од 60 кг се 2 л вода на ден (оптимален дневен внес), за новороденчиња и доенчиња 0,7-0,8 л преку мајчино млеко или инфант-формули, деца до 10 години 1- 1,2 л дневно. Во периодот на доење, кај жените се потребни поголеми количини на вода (до 3 л дневно). Спротивно на она што луѓето најчесто го мислат за големината на телото, иако децата се помали од возрасните тие треба да консумираат повеќе вода од возрасните.
Не треба да се заборави дека и преку храната се задоволува овој потребен дневен внес за течности, особено преку овошјето и зеленчукот (лубеницата и доматот се 90% вода). На овој начин се задоволуваат околу 20% од потребните течности во текот на денот.
Водата не само што ги одржува децата здрави, исто така им помага да постигнат подобри резултати во училиште или при спортување.
Дехидратација води до намалување и на менталните и на физичките перформанси. Долгорочна хронична дехидрација може да предизвика низа здравствени проблеми и болести.За жал, во светот па и кај нас сеуште се случува одредени училишта особено во рурална средина да имаат несоодветен пристап до водни ресурси. Затоа родителите и наставниците треба редовно да ги охрабруваат децата да пијат вода дома и да си донесат безбедна вода на училиште. Децата особено треба да пијат вода доколку се занимаваат со некој спорт, во текот и после физичката активност. Како што наведовме погоре, дури и мал степен на дехидратација може да доведе до намалување на менталните и физичките перформанси кај детето (и кај возрасните се разбира). Значи, немањето пристап до безбедна вода на училиште, или недоволна хидратација пред училиште, може да доведе до слаба концентрација кај учениците, што би значело не само слабо учество во наставата, односно слаба активност, туку и пониски резултати на тестовите.
Децата се изложени на многу поголем ризик од дехидрација и кај нив тој процес може да почне многу побрзо отколку кај возрасните. Откако еднаш телото е дехидрирано, внатрешната температура ќе започне да се качува и телото особено мозокот, се прегрева. Имајќи го предвид фактот дека организмот, телото на децата сè уште се развива и расте, произлегува потребата организмот секогаш да е добро хидриран за да функционира нормално. Децата секогаш треба да имаат неограничен пристап до безбедна вода за пиење. Загуба од 2% од телесните течности предизвикува 20% намалување на ефикасноста на физичките и менталните активности. Дехидрација во износ од 3% може да доведе до топлотен удар, состојба на која децата се многу повеќе склони од возрасните.
Друга причина зошто децата треба да пијат почесто вода е заради фактот што нивните механизми за жед се помалку развиени од возрасните и истите имаат тенденција да се активирааат откако дехидрација веќе настапила. Од тие причини децата треба да се охрабруваат да пијат вода дури и ако тие не чувствуваат жед.
Главоболки, раздразливост и поспаност, често се знаци на дехидратација. Се разбира, децата се бомбардирани со реклами на безалкохолни пијалаци, но родители, ве молиме запаметете дека водата е далеку подобар избор. Бидејќи водата е толку важна компонента за нашата физиологија, квалитетот на водата треба да биде исто толку важен како и квантитетот. Затоа, водата за пиење треба секогаш да биде чиста и безбедна, да не содржи загадувачи за што ќе се погрижи јавното претпријатие кое ја доставува до вас и кое задолжително и редовно треба да ја контролира нејзината исправност и безбедност. Значи ваша обврска е да ги научите деца да пијат вода на дневна основа!
Совети како вашите деца да пијат повеќе вода
• Одржувајте ја температурата на водата ладна, децата често мислат дека собната температура на водата е несоодветна и водата е невкусна.
• Овозможете му на вашето дете да си избере омилена чаша или интересна сламка која ќе ја користи само за пиење вода.
• Бокали во светла боја, па дури и подготовка на забавни облици на коцки мраз ќе ги привлечат вашите деца.
• Засладените и газирани пијалаци нека бидат за посебен третман или награда во ретки ситуации, како на пример гледање филмови со семејството или излегување на вечера.
• Водата за децата е важна и здрава навика која треба да се имплементира додека тие се млади. На овој начин тие ќе пораснат и ќе ги учат нивните деца на истото!
• Децата во училиштата или кога излегуваат надвор од домот се почесто користат апарати за пијалоци. Ова е главно поради тоа што мислат дека водата нема посебен вкус и полесно се одлучуваат за некој друг пијалок. Не заборавајте вие како родител да бидете добар пример однoсно модел за вашето дете и да пиете многу вода!
• Поттикнување на поголема употреба на вода може да помогне да се направи позитивна промена во целото семејство.
Автор: М-р д-р Мирјана Димовска,
од Институт за јавно здравје