Весели велигденски декорации
Внесете празнична атмосфера во својот дом со пригодни декорации. Пастелните бои, декорации од цвеќиња и билки, весели ткаенини, како и добрата атмосфера меѓу домаќините, е најдобриот начин да се обележи пролетта и Велигден.
Бидете инвентивни и креативни, дозволете да ве води вашата фантазија .Велигден е најзначајниот христијански празник кој освен верската порака буди и асоцијација на пролет, трансформација и оживување на природата, убави чувства и добри желби за блиските.
Симболите поврзани за Велигден, како вапсаните јајца, велигденски дрвца, зајачиња, пилиња, немаат изворна христијанска традиција, но се јавуваат како симболи за тој празник и им носат најголема радост на најмладите. Начинот на декорирање на домот може да биде истакнување на празничното обележје или желба за пролетно освежување, кое не е исклучиво поврзано со празникот.
Празничното декорирање на домот, е избор на секој поединец. Шарените вапсани јајца можат да бида многу интересни и креативни, од оние кои ќе ги украсат децата и кои им се само ним наменети со весели ликови и живи бои, до уметнички кои се како вистински скулптури во просторот, оти се украсени со големо трпение, талент и желба.
Велигденското дрвце е одличен декор како на масата, така и во просторот воопшто, бидејќи дава посебна атмосфера. Зависно од тоа што сакате да нагласите, изберете прикладни украси кои визуелно ќе го збогатат дрвцето. Инаку него можете да го купите, или да ја искористите својата фантазија и да соберете гранчиња кои ќе ги декорирате и украсите по желба.
Просторот можете да го декорирате со сезонско цвеќе во ведри пролетни бои. Освежувањето кое тоа го внесува го нагласува будењето на природата и празничната радост. Со оглед на топлото време, пролетната атмосфера можете да ја нагласите и на терасата или во дворот. Бидете креативни и со сезонското цвеќе ставете простирки од трева кои ќе бидат декорација на масата, наткасните или полиците.
Празничната и пролетната атмосфера дополнете ја со завеси, перничиња, чаршави во прикладен дезен. Цветните мотиви во бои како жолта и портокалова ќе ви дадат свежина и прозрачност во просторот, а сезонското цвеќе ќе го претвори во удобно место за престој. Боите како сива, бела или сребрена ќе се вклопaт во секој амбиент, освежувајќи го основиот колорит.
Детската соба украсете ја така да им приредите радост на најмладите. Вклучете се во изработка на шарени вапсани јајца, декорирање на велигденското дрвце и сите други активности околу создавањето на празнична атмосфера. Кадифени зајачиња, шарени балони, гнезда од прачки со вапсани јајца и други велигдениски симболи поставете во детската соба за да децата ја почувствуваат убавата празнична атмосфера.