Во Скопје одбележан светскиот ден на водата
Денес 22 март е светскиот ден на водата, ден кога се слави овој скапоцен и безбеден дар од природата, без кој не би постоел животот на планетава.
Четврта година по ред и кај нас се обележа овој ден, со настан кој се одвиваше минатиот викенд 17март, во Паркот на езерата, населба Аеродром.
По пригодните говори од Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравство, Лидија Топузовска, генерален секретар на Канцаларијата на УНЕСКО во Македонија и претставник од општина Аеродром, следуваше забавниот дел. Музички настап имаше пејачката Сања Ѓошевска, а најмладата публика ја анимираа акробати и жонглери. Голема радост за дечињата беше цртањето на нивните лица со маски омилените цртани јунаци.
Во тек на манифестацијата беа изложени цртежи, стихотворби и текстови на ученици од четири основни училишта во општина Аеродром на тема „Соработувај за безбедна вода“. Подоцна пред публиката беа претставени најдобрите три дела и наградени со книга, маица и пофалница, додека на останатите ученици учесници им беа доделени благодарници.
Спонзорите на настанот (Добра Вода, Ладна, Кожувчанка, Изворска, Роса, Бонаква, Горска) направија едно симболично добро дело, дарувајќи над 200 литри пакувана вода за пиење во пензионерскиот дом во Аеродром. Оваа скромна донација беше со цел да им порачаат на граѓаните дека водата е неопходна за нивното здравје.
Активистите од Црвениот Крст на РМ ја дистрибуираа водата до домот, а за времетраењето на манифестацијата им делеа на гостите пакувана вода.
Организатор и годинава беше Институтот за јавно здравје на Република Макдонија, кој со своите акредитирани лаборатории е одговорен за испитување на безбедноста на храната и водата.
Интерактивен час
Дел од активностите за одбележување на светскиот ден на водата, беше и интерактивниот час кој се одржа на 20март со ученици од петто одделение во ОУ „Димитар Македонски“. По предавањето на тема „Соработувај за безбедна вода“, од мр. др. Мирјана Димовска како претставник од ИЈЗ, за учениците беше подготвена и вежба која ја изведуваа на интерактивна табла- „Кругот на водата“ во природата. Учениците требаше од дадени 20 зборови секој да го сместат во соодветното поле и на тој начин да го состават и комплетираат кругот на водата.