Средба со дечињата во СОС селото
Она кое започна од едноставна идеја, денес на 26 декември 2009 година, конечно се реализираше. Имено по иницијатива на членовите на сајтот Родители и деца, беа собрани пари за електрична гитара и пакетчиња, наменети за децата во СОС селото во Скопје .
Откако не пречекаа во салата каде се беше спремно за средбата, по кусиот поздрав од директорката на СОС селото – Виолета Георгиевска, дечињата не поздравија на свој начин – преку песна и игра. Додека го чекавме гостинот на овој за сите голем и убав настан, се дружевме со нив , а тие на својот искрен и детски начин ни раскажуваа за тоа како е на училиште, за своите желби, ни ги покажаа своите таленти за танцување и пеење.
На нивната радост и немаше крај кога дојде нивниот миленик Ламбе Алабаковски. Среќни и расположени заедно ги пееја неговите хитови, а тој не сакаше никого да го разочара, па трпеливо се поздравуваше, фотографираше, разговараше и им делеше автограми на своите мали обожаватели.
За крај дечињата ни подарија вазна изработена од нивните вешти рачиња во нивната креативна работилница.
Голема благодарност до сите членови кои зедоа учество во оваа хумана акција и се надеваме дека овде нема да запреме.