Сексуална злоупотреба на деца
Како една табу тема која тивко се провлекува низ многу семејства и низ многу детски животи, па понатаму товарот го носат и како возрасни, сексуалното злоставување за жал е нешто пред кое ретко која личност има храброст да застане со отворени очи. Родителите се ретко информирани за показателите на сексуално злоставувано дете, скоро никогаш не му објаснуваат на детето како да постапи кога би се соочило со злоставувач. Покрај тоа тие најмалку ги знаат последиците од такво злоставување и најтешко од се – најчесто родителот или некој близок на семејството (користејќи ја лојалноста и предаденоста) се појавува како злоставувач на детето.Поттикната од сите овие причини, вклучувајќи го и слабото функционирање на државните институции по ова прашање, би сакала колумнава да им послужи на многу родители, па и на многу деца, впрочем и самата страна е за Родители и деца. Да почнам од почеток – што е сексуално злоставување?
Сексуалното злоставување на деца е секој вид на искористување на детето кое е помладо од 18 години со цел да се оствари сексуално уживање на возрасна личност. Како сексуално злоставување се смета: наметливи телефонски повици, воајеризам, покажување на половите органи, снимање порнографски фотографии и/или видеа, милување, обид да се оствари сексуален однос, орален, вагинален или анален контакт или сексуален однос, силување, инцест и детска проституција. Сексуалното злоставување се однесува на вклучување зависно и развојно незрело дете (или адолесцент) во сексуални активности кои тоа не ги разбира и за кои не може (не знае) да даде согласност. Спомнав дека злоставувачот најчесто е член од семејството или некој близок на семејството, па затоа детето покрај лојалноста и љубовта кон злоставувачот, чувствува и страв и збунетост, истовремено обидувајќи се да сокрие од околината што му се случува. Најчесто при обелоденување на злоставувањето, се води сметка за возрасните („што ќе речат луѓето“) или пак на настаните се гледа со неверување („дете е, можеби лаже“), а не за детето кое е злоставувано. Така случајот се одолговлекува и пополека се става во заборав додека детето тивко страда, се повеќе затворајќи се и отуѓувајќи се и од себе и од другите, почнува да „става маски“, а во зависност од возраста може и навистина да го убедат дека настанот не се случил никогаш што не значи дека тоа нема да остави последици на него. Како одговорни лица и пред се како родители, мора да бидеме свесни за следново:
– за насилството секогаш е одговорен оној кој го врши
– за стореното насилство врз дете никогаш нема прифатлива причина, оправдување, извинување, туку постои одговорност и пропишани законски последици за причинителот
– причинителот на злоставувањето не смее да ги промени нашите ставови и убедувања во однос на насилството, човечките права, детските права, правата на жените и одговорноста за сторените дела.
– со насилство се кршат основните човекови и детски права, криењето на злоставувачот не’ прави негов соучесник, не смееме да ја криеме неправдата, туку треба да сме јавни и транспарентни во своето дејствување кога знаеме дека е злоставувано дете.
Што можат да чувствуваат сексуално злоставуваните деца?
ЗБУНЕТОСТ: затоа што го сакаат злоставувачот, лојални му се и приврзани бидејќи им е близок и затоа што емоциите наизменично завземаат место.
ТАГА: имаат чувство дека изгубиле или дека „нешто“ им е одземено, зашто предвреме пораснале, и чувство дека се изневерени и предадени од некој на кому му верувале, го сакале и почитувале
СТРАВ: од злоставувачот, од создавање проблеми, од губење на важни личности во нивниот живот, од тоа дека ќе се избркани од дома, од тоа дека другите ќе ги гледаат како „поинакви“
ЛУТИНА: кон злоставувачот, кон возрасните кои не ги заштитиле, кон сами себе („за ништо не ме бидува освен за проблеми“)
ИЗОЛИРАНОСТ: затоа што размислуваат на начин – „нешто не е во ред со мене“ или имаат чувство дека „на чело им пишува“ за настанот, се чувствуваат како само тие и никој друг немал такво искуство и не можат да зборуваат за злоставувањето
ВИНА: затоа што не го спречиле злоставувањето, затоа што имаат чувство дека се согласиле на „тоа“, затоа што некому кажале (ако кажале) или никому не кажале
СРАМ: што доживеале такво искуство и поради реакциите на нивното тело на злоставувањето (понекогаш може да се случи детето да доживувее задволство, па и оргазам)
Како да препознаеме сексуално злоставувано дете/адолесцент?
Ниту еден од овие знаци не е сигурен показател дека детето е сексуално злоставувано, но што повеќе знаци кои се поинтензивни остава место за загриженост. Симптоматично е она што за детето/адолесцентот е несекојдневно, невообичаено, настанало како нагла промена. Знаците се следниве:
– Повлекување во себе, депресивност, нагли промени на расположението, стравови, чувство на потиштеност, беспомошност, вина, срам, избегнување на физички контакт, мешање на емоции со сексуално однесување, бременост, често туширање, „трупање“ на многу алишта на себе, изненадна агресија и револтираност, страв од некои луѓе и некои места, проблеми со внимание, нагло попуштање со успехот во училиште.
Според ова, последиците кај сексуално злоставувани деца се следни: лоша слика за себе и сопственото тело, стравови, фобии, панични напади, анксиозност, депресија, проблеми со спиење проблеми со исхраната (анорексија/булимија), немање доверба во никого, страв од отфрлање, тешкотии во воспоставување на блиски односи и нивно одржување, сексуални проблеми, тешкотии со концентрацијата, подложност кон понатамошно злоставување од секаков вид (пр. жената и понатаму останува во врска каде е физички и психички малтретирана), тешкотии во доживување на позитивни животни искуства, не наоѓање на задоволство во ништо, злоупотреба на алкохол и опојни средства итн.
Што ако дете ви се повери дека било или е сексуало злоставувано?
Она што едно дете сака да слушне во тој момент е следново:
· дека му верувате
· ви е мило што ви се доверило токму вам
· е храбро што го кажало тоа
· многу ви е жал што се случил тој настан
· не е единствено дете на кое се случиле такви нешта
· ќе морате да кажете на професионални лица чија должност е да го заштитат
Што НЕ смеете да правите?
· Што и да чуете, немојте да се згрозувате ( пред детето), не беснеете, не плачете, треба да сте мирни, стабилни и сигурни во себе
· Не сугерирајте одговор на прашањата кои ги поставувате (пр – нели не се случи така?), не претпоставувајте.
· Не ветувајте му нешто на детето за кое не сте сигурни дека нема да го исполните, како на пр да ветите дека нема да кажете никому (законот ве обврзува да ги известите надлежните)
· Не го замолчувајте детето, не го убедувајте дека треба да прости и да забрави што се случило (тоа е само начин да се смирите сами себе)
· Зборувајте на јазик разбирлив за детето
· Не настапувајте со идеја дека детето е луто на злоставувачот (обично не е така)
· Не брзајте, дајте му време на детето да се изрази и да ве праша доколку сака нешто да праша.
И да не заборавиме :
· Сексуално злоставување се случува кај сите раси, народи, социјални групи и економски класи, без оглед на степен на образование
· Околу 90 % од злоставувачите се членови на семејството или нивни блиски пријатели
· Детето никогаш не е виновно за злоставувањето, нема одговорност за тоа, виновен е злоставувачот и за тоа нема никакво оправдување или добра причина
· Злоставувачот скоро никогаш не користи агресија за да го изврши злосторството, тоа е или наговарање или поткупување или закана
· Девојчињата многу почесто се отвараат од момчињата кога им се случува вакво искуство
· Сексуалното злоставување не е проблем кој ќе помине со тек на времето туку остава трајни последици доколку детето не добие адекватна психолошка помош и поддршка
· Децата најчесто молчат за тоа дека се злоставувани, затоа ние возрасните треба да се едуцираме како да ги препознаеме симптомите и да превземеме заштитни мерки.