Одржување на подовите
„Чистотата е половина здравје„ , а некој ќе додаде „нечистотијата е другата половина„. Она кое сакаме да ви го порачаме е – чистењето е добра особина, но без претерување. Доколку најдете лесни и делотворни начини и средства, тоа ќе ви биде задоволство, а не ноќна мора.
Колку пати сте биле соочени со некој проблем или дилема за било што во врска со одржувањето на подот. Зависно од тоа од каков вид е постојат повеќе начини и средства за нивно чистење и одржување. Ако редовно ги чистите вашите подови, многу помалку нечистотија ќе внесувате во домот. Особено обрнете внимание на претсобјето и влезната врата, каде се собира најмногу нечистотија. Ако можете редовно пребришете ги подот во кујната и бањата, бидејќи истите се вистински инкубатори на бактерии. Некои видови подови доволно е да се пребришат одвреме навреме со влажна крпа. Додека други треба повремено да ги исперете темелно, а пак некои можете да ги заштитите со посебни средства за полирање.
– Дрвени подови – ако се лакирани можете многу лесно да ги избришете со влажна крпа. Доколку подот е лакиран со водоотпорен лак можете и да го исперете со сапуница. Во спротивно подобро е да користите средства за полирање лакирани површини. Ако пак подот е полиран паркет, повремено исполирајте го со восок (подобар е течниот восок, полесно се нанесува). Но не смеете да го перете. Кај овие подови никако не смеете да употребите многу врела вода или многу да го натопите, тоа ќе предизвика омекнување на дрвото и оштетување.
– Подови од плута – ако се лакирани пребришете ги со влажна крпа. Ако се оштети лакот, истругајте и прелакирајте. Ако е полиран подот, поминете со восок 2-3 пати годишно, во меѓувреме само повремено пребришете ја прашината. Не претерувајте со натопување, бидејќи плутата ќе испука. Добро исушете по чистењето.
– Подови од линолеум – се перат со топла сапуница. Доколку има дамки се отстрануваат со челична волна натопена во терпентин или алкохол. Но немојте грубо да стругате. Потоа можете и да излакирате. За заштита премачкајте со средство на база на масло.
– Гумени подови – можете да избришете со мека крпа натопена во слабо разреден детергент. За полирање користете емулзија на база на вода или специјално средство за гумени подови. Не употребувајте средства на база на восок, терпентин или парафин. На ист начин ќе ги исчистите и подовите од винил, како и подовите од битумен.
– Обоени подови – за бришење употребете слабо разреден детергент, но со помалку вода. Исто се брише и ако бојата е со сјај. За вадење дамки нежно истријте со благ прашок или челична волна. Не притискајте силно.
– Бетонските подови – се бришат со влажна крпа. Ако површината е рапава, не употребувајте сапуница, нема да можете да ја исперете. За заштита може да употребите посебен премаз кој потоа лесно се чисти и нема да се лизга. Потоа дури можете да полирате со восок.
– Под од мермер – лесно се одржува, но ако настанат дамки посоветувајте се со стручни лица. Избришете со влажна крпа со некое средство за садови, но избегнувајте премногу вода. Исто можете да ги одржувате и подовите од терацо. Не користете абразивни средства, масти, масла и киселини. Мермерот е порозен и лесно ќе се оштети. Кај подот од терацо не смеете да користите ниту сода, амоњак, боракс и абразиви.
– Подови од брусени камени плочки – новиот под намачкајте го со ленено масло и две недели не перете го. Доколку на него се појават бели дамки можете да ги отстраните со оцет разреден во чиста вода. Потоа можете да го бришете или перете со топла сапуница. Полирањето не е неопходно.
– Камени подови – се бришат со детергент или сода растворени во вода. А за заштита се користат средства за заштита на бетон и восочни средства. Немојте да употребувате сапуница. Само ќе направите пена која тешко се отстранува.
Полирање подови
Ако користите восок за да биде подот добро исполиран треба претходно да го отстраните стариот восок. Тоа можете да го направите со посебно средство за таа цел или смеса зависно од видот под. При тоа нанесете на мала површина за да се впие, а да не се исуши. Кога ќе почне да излегува избришете со истуткани листови од весник или со сунѓерен бришач, што е подобро. Тврдокорните нечистотии избришете ги рачно. Потоа со ноктот од палецот проверете дали има остатоци од стариот восок. Избришете со чиста крпа и продолжете на друг дел. Потоа оставете да се исуши целосно пред да нанесете нов восок. Начинот на нанесување средство за полирање е зависно од видот. Ако е паста се нанесува со мека крпа, а ако е течност, со посебен сунѓер за таа намена. Кога ќе се впие исполирајте со волнена крпа завиткана околу стара метла или рачно. Повторете по 2- 3 месеци. Доколку средството е на база на вода се нанесува на влажен сунѓерест бришач. Внимателно се нанесува по целата површина во тенок слој и по малку. Подобро е да нанесете 2- 3 тенки слоеви и секој да го исполирате отколку да нанесете премногу. Се повторува по неколку месеци. Кога го правите ова внимавајте да не прскате по ѕидовите, оти тешко се отстрануваат дамките.
Перење многу извалкани подови
Изметете го подот и употребете средство по ваш избор, кое ќе го нанесете според упатството. Оставете да стои 10 – 15 минути. Изрибајте ги многу валканите површини. Пребришете со добро исцедена крпа која често ќе ја перете во чиста вода. Избришете со сува крпа. Внимавајте на жиците и каблите доколку ги има наоколу под летвите.