Најчести заблуди на младите родители
Кога ги набљудувате туѓите деца, многу е лесно во својата фантазија да одлучите каков родител ќе бидете и какво дете ќе воспитате. Но, реалноста, како и секогаш, е поинаква.
Всушност, секогаш му е полесно на оној кој гледа отстрана и не е директно инволвиран во процесот на воспитување на детето. Кога и да видите дете кое врeска во продавница или е нервозно, вртите со главата и велите „моето никогаш нема вака да се однесува“. Но, се лажете себеси, за оваа и уште неколку други нешта. Оние кои веќе се родители, сигурно се сеќаваат дека барем еднаш во животот кажале:
1.„Моето дете нема да биде непослушно“
Можеби и ќе ви успее додека да наполни две или три години, но од тој момент ќе стане навистина неподносливо и ќе ви додева и вам, а можеби и на други луѓе. И да, тоа ќе се случува токму во моменти кога ви треба мир.
2.„Нема да му давам сè што ќе побара“
Сте верувале дека никогаш нема да го поткупувате детето со чоколадо или дека ќе го смирувате со цртан филм пуштен од вашиот мобилен телефон. Не можете сè да забраните и некогаш мора и вие да го дадете она што детето ќе ви го побара.
3.„Нема да имаме толку многу играчки“
Сигурно пред да се роди вашето дете не ја замислувавте дневната соба преполна со играчки доволни за да опремат една игротека. Но, веќе ви е јасно дека секогаш ќе згазнете врз некоја коцка дури и кога мислите дека сите играчки се собрани во кутијата.
4.„Телевизорот нема да ми биде дадилка“
Се обидувавте да држите до ова верување, но тогаш сфативте дека ако му дозволите на детето да гледа телевизија 30 минути, тогаш вие имате време да здивнете, па можеби и да се истуширате без брзање. А и сигурно ќе бидете попродуктивни и ќе завршите повеќе работа за тие 30 минути отколку детето цело време да се влечка по вас и да ви е закачено за нога.
5.„Моето дете нема да јаде слатки и чипсови“
Ова не е само заблуда, туку е и голема лага. Вашето дете кога-тогаш ќе проба ваква храна, па дури и откако ќе успеете 18 години да го држите на органска храна без преработен шеќер. Но, вистината е дека ќе попуштите многу порано.