Мајка по 20 спонтани абортуси
На Кели и Алан Мосели од Бирмингам желбата да станат родители им се исполни по десет години брак, со помош на необична терапија.
Имено брачната двојка откако се венчале во 2002 година до 2012 година речиси 20 пати имале шанса да станат родители, но тоа секој пат завршувало со спонтан абортус. Од тие, два пати го изгубила бебето во петтиот месец од бременоста. Кога сите ја советувале да престане да се обидува и да не минува повторно низ истата болка, се случило нешто неочекувано. Кели на телевизија гледала емисија во која гостувал Хасан Шехата , експерт за абортуси, кој е пионер во лекувањето на таа состојба со посебна техника. Имено Шехата ги третира жените со лекови кои го блокираат имуниот систем и го спречуваат да создава антитела кои го напаѓаат плодот. Лекот кој тој го користи е хидроксихлорокин кој инаку е редовна терапија во лекување маларија и артитис. Благодарение на неговата необична терапија, Кели успеала да го износи синот Тајлер безбедно до неговото раѓање во април 2013 година.
– Се‘ уште не можам да верувам дека Тајлер е тука. Многумина ми велеа „престани да се мачиш, откажи се…премногу страдаше“ но јас бев упорна. Кога го видов господин Шехата како зборува на телевизија за тоа како им помогнал на многу жени, се молев да може и мене да ми помогне – зборува Кели.
Специјалистот Шехата кој работи во универзитетска болница, поминал цела деценија во истражувањата заедно со лекар имунолог, со кои дошле до сознанија дека кај некои жени во тек на бременоста телото продуцира антитела кои го напаѓаат плодот.
– Тоа беше случај и со Кели. Природните клетки убијци кај некои жени можат да се блокираат со давање стероиди, но кај нејзе не реагираше таа терапија, па се обидовме со антималаричен третман кој делува на ист начин, односно го блокира имуниот систем.
Кели примала хидроксихлорокин цела година пред да дознае дека е бремена во септември 2012, а Тајлер го родила во април 2013 година 11 недели пред терминот, бидејќи имала висок крвен притисок.