„Магичен глас“ – хуманитарен концерт за деца
Во сабота, 18ти ноември со почеток во 12 часот во големата сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи Симфонискиот концерт за деца под наслов „Магичен глас“, на кој како солист ќе настапи сопранот Билјана Јосифов. Аниматор на концертот е актерот Мартин Јордановски, миленик на детската публика. Концертот ќе се одржи под диригентската палка на Дијана Илкоска-Имери.
Приказната се однесува за едно момче кое сака да стане оперски пејач и сонува сон во кој тој навистина пее оперски арии. Во сонот, се појавува добрата вештерка, која е всушност оперска пејачка, и се обидува да му го оствари сонот. Вештерката доаѓа на коњ, наместо на метла, ја бркаат здодевни бумбари, потоа ја носи звукот на трубите, за на крајот да се претвори во дрвена кукла… Приказната е полна со хумор и изненадувања и прекрасна музика соодветно избрана за најмладите слушатели, дела од Копланд, Бернштајн, Римски-Корсаков, Моцарт, Мусоргски, Штраус, Росини.
Македонската филхармонија со овој концерт се приклучува кон хуманитарната акција за помош на седумгодишната Валерија Зафировска од Штип која боледува од тумор на мозокот. Приходот од продадените билети ќе биде наменет за нејзиното лекување.
Во декемви предвиден е уште еден Симфониски концерт за деца под наслов „Новогодишни волшепства“ кој ќе донесе музика од класичната литература наменета за оваа пригода. Новогодишниот концерт за деца ќе се одржи на 23ти декември со почеток во 12 часот и ќе донесе многу изненадувања врзани за најубавите празници во годината.