Започна фестивалот „Игри без маска“
Од денес започна 4от Меѓународен фестивал за лица со и без хендикеп организиран од здружението на граѓани за промоција и развој на регионите „Свет на различни а еднакви“ од Скопје. Ова е единствен фестивал од ваков вид на Балканот и е три дневен настан проследен со другарување и размена на искуства.
Овие активности имаат за цел да ја зголемат инклузијата на лицата со инвалидност со други лица во културни активности, тие да ја имаат можноста полесно и активно да се вклучат во општеството и заедницата, да им се отворат портите за креативно изразување, да се негува нивниот потенцијал и да се унапреди нивниот квалитет на живот.
На фестивалот учествуваат аматерски актерски групи од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и други. Денес и утре фестивалот ќе се одржи во Драмски театар Скопје и претставите ќе бидат од натпреварувачки карактер.
Утре програмата започнува во 10.30 часот и ќе заврши во 14.30 часот, додека во четврток, 16ти ноември, во Македонски народен театар Скопје од 12 часот ќе почне ревијалниот дел на кој ќе бидат свечено доделени награди. Фестивалот ќе го водат Ирена Спировска и Татјана Стојановска.
Поддршката на овој фестивал креира повик за соживот и еднакви права и отвора можности која ќе ја направат различноста на сцената посебна за сите кои ја сакаат магијата на театарот.