Дневна доза аспирин- добро или лошо?
Многу луѓе земаат мала доза аспирин секој ден, за да го намалат ризикот од срцев или мозочен удар. Но, ваквото дневно земање аспирин има и опасности… Според најновите истражувања наравени во една италијанска студија, а објавени во Journal of the American Medical Association дневното земање аспирин е поврзано со зголемена опасност од големо крварење.
Имено ризикот од сериозни крварења е за пет пати поголем, отколку што се знаело до сега, вели италијанскиот стручњак Антонио Николучи. Тој додава дека ако до сега се знаело дека дневната терапија со мала доза аспирин го намалува ризикот од втор срцев или мозочен удар кај луѓето кои веќе преживеале еден, кај оние кои воопшто немале ваков проблем корисноста на третманот за да се спречи прв срцев или мозочен удар, не е доволно јасна и докажана.
– Луѓето со умерен до висок ризик од големи кардиоваскуларни проблеми, можеби имаат бенефит од терапијата со аспирин, но ризиците може да ги надминат придобивките за луѓето кои не се во опасната категорија и им се заканува втор удар – вели Николучи.
Во студијата тој заедно со колегите исто така истражувале колку дневната доза аспирин влијае на ризикот од појава на крварење кај луѓе со или без дијабетес. При тоа големо изненадување било кога откриле дека кај пациентите со дијабетес за 36% е поголем ризикот од овие животно опасни крварења, дури и кога не земале дневна доза аспирин. Употребата на лекот кај дијабетичарите немала никакво влијание на ризикот од појава на крварење на било кој начин.
Инаку дијабетесот се смета за главен ризик фактор за срцев или мозочен удар, а мала днева доза аспирин им се препорачува на повеќето дијабетичари на возраст над 50 години за мажи, односно 60 ходини за жени, кога постојат и други ризик фактори за појава на инфаркт или мозочен удар.
Сепак стручните лица нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувња за да се разбере влијанието на дијабетесот врз ризикот од крварење. Додека Николучи додава дека секој пациент кога му се предлага да зема дневна доза аспирин, треба да се набљудува како индивидуа и никогаш да не се оди по некои непишани правила, дека тоа е добро за сите.