A n t i – M u l e r i a n H o r m o n
Познат е уште како хормон за тестирање на оваријалната резерва. AMH(anti-mulerian hormone) е субстанција која се продуцира во оваријалните фоликули, поточно во гранулоза клетките на истите.
Најпрво се создава во примарните фоликули во јајникот, па потоа тие преминуваат во понапредната фаза т. н. примордијални фоликули. Се работи всушност за повеќе фази во развојот на фоликулите што не е од интерес во оваа тема. Како и да е, во оваа фаза на развојот фоликулите се многу мали и не можат да бидат видени со помош на УЗ(ултразвук). Продукцијата на антимулеровиот хормон е најголема во фоликули кои се наоѓаат во преантрален и почетен антрален развој. Продукцијата опаѓа и потоа престанува со понатамошниот раст на големината фоликулот. Практично не постои ни најмала количина на хормонот во фоликули кои се поголеми од 8 мм. Поради овој факт вредностите на хормонот се доволно константни и затоа можат да се земат како тест било кој ден од месечниот циклус, што не е случај со другите хормони кои се исто одраз на функцијата на овариумите и воопшто не се помалку значајни .
AMH и ФЕРТИЛНОСТ
Како можат вредностите на хормонот, како тест да бидат предиктор за фертилност кај жената?
Со оглед на фактот дека хормонот се продуцира во малите оваријални фоликули, вредностите на хормонот во крвта се користи со цел да се процени т.н. базен на растечки фоликули кај жената. Истражувањата покажуваат дека големината на тој базен на растечки фоликули е стриктно одреден од големината на базенот на преостанатите фоликули во примордијална форма(микроскопски фоликули во т.н. “длабок сон“). Значи вредностите на хормонот во крвта ја одразува оваријалната резерва кај жената. Со возраста на жената, големината на овој базен на преостанати микроскопски фоликули се намалува, а со тоа и оваријалната резерва. Како последица на тоа вредноста на хормонот во крвта како и бројот на оваријалните антрални фоликули видливи на ултразвук опаѓа.
-Пациентки со PCOSy кај кои во склоп на таа дијагноза имаат голем број на мали фоликули, имаат високи вредности на хормонот во крвта
-Пациентки кои се ближат кон менопауза имаат ниски вредности на хормонот во крвта во склоп на намалените оваријални резерви
AMH и можност за бременост со IVF
Жени со покачени вредности на хормонот во крвта имаат тенденција за подобар одговор на оваријална стимулација со IVF третман при што се добиваат и повеќе јајни клетки. Генерално, добивање на повеќе јаји клетки ја зголемува и стапката, процентот на успех. Нивото на хормонот во крвта не го рефлектира квалитетот на јајната клетка, но добивањето на повеќе јајни клетки дава можност за добивање на барем една ако не и повеќе квалитетни јајни клетки кои ќе се оплодат и бидат трансферирани. Со тоа се зголемува шансата за остварување бременост како крајна цел.
AMH-нормални вредности . Интерпретација на нивото на хормонот во крвта и шанси за концепција
Високи вредности………………..над 3.0 ng/ml
( чести кај PCOSy)
Нормални вредности……………над 1.0 ng/ml
Вредности лесно намалени….0.7-0.9 ng/ml
Ниски вредности…………………0.3-0.6 ng/ml
Многу ниски вредности………под 0.3 ng/ml
Вредностите кои се погоре наведени не треба да се земаат како крајни или дефинитивни вредности кои строго ќе ја класифицираат пациентката во одредена група. Уште помалку треба врз основа на нив да се донесува краен заклучок за нејзините оваријални резерви и можност за забременување. Сеуште хормоналниот статус 3-ти ден од месечниот циклус е широко прифатен за т.н. златен стандард за проценка на оваријалните резерви и изборот на протоколот за стимулација. И крајно никогаш со сигурност не можеме да знаеме како и во кој правец ќе се движат работите додека не се започне со стимулација на овулација, за секоја пациентка индивидуално. А тоа би требало да го сфатиме како сигнал дека надежта за потомство не треба никогаш да се губи.