Не секоја диета е добра
Сите диети се со кратко дејство доколку не го промените начинот на исхрана и почнете да вежбате. Но од друга страна, ако ги усвоите принципите на оние најдобрите можете да постигнете трајни резултати. Пред да ве воодушеват ветувањата за наглото симнување на килограмите имајте на ум дека нутриционистите и медицинарите го одобруваат оној режим на исхрана кој ви овозможува најголем неделен губиток на телесна маса за пола до еден килограм. Лошите диети со негативно влијание на здравјето се диети со големо внесување протеини и мало внесување јаглехидрати, диетите кои елиминираат некоја група продукти а се базираат на еден продукт, потоа диетите кои се базираат на калориските пакети – со внимателно планирање на оброците со точен број потребни калории кои треба да ги подговите порано и да ги јадете во одредено време, како и разните методи за чистење на цревата.
Од друга страна најдобрите диети се држат до принципот на некои од најздравите кујни на светот, а тоа се на пример медитеранската и јапонската. Познато е дека оризот е продукт кој содржи изобилство од сложени јаглехидрати кои обезбедуваат подолго чувство на ситост, а тука е и богатството од зеленчук. Авторите на книгите за здрава исхрана велат дека Јапонците се нација залудена по зеленчукот. Сосема е вообичаено да во еден оброк се сервираат дури до пет различни видови зеленчук и никому не му е чудно за појадок да јаде супа од зеленчук или салата. Во зеленчукот уживаат и Медитеранците, кои покрај тоа го имаат и изобилството од омега 3 киселините од рибите (како и Јапонците) и одличното маслиново масло.
За вас ги издвоивме оние најдобрите диети, кои воглавно се базираат на начелата со помош на кои треба трајно да прифатите подобар начин на исхрана и најлошите диети, кои нудат само експресни решенија, кои долгорочно ќе ви наштетат.
Пет најдобри диети
1. Сонома
Од нутриционистичко гледиште, на оваа диета речиси е невозможно да и се најде забелешка. Станува збор за калифорниска верзија на медитеранската исхрана, па не е чудно што посебна важност се придава на комбинирањето на одредени видови храна и квалитетни вина.
2. Палеолитска кујна
Човечкото тело не може најдобро да ги преработи продуктите кои биле непознати пред 10.000 години. Ако сметате дека ова тврдење е точно, палеолитската т.е неандерталската диета можеби е за вас. Заговорниците тврдат дека доведува до подобра здравствена состојба, бидејќи се намалува ризикот од многу современи болести како прекумерна тежина, дијабетес и болести на срцето. А ветува и дефинитивно губење на килограмите.
3. Јогурт диета
Ветува намалување на телесната тежина за 3- 4 кг месечно без било какви откажувања. Со ваков лесен ручек, важно е да се изеде вечера која ги содржи сите хранливи материи. Освен тоа, оваа диета не треба да ја спроведувате повеќе од месец дена, а најмногу два месеци.
4. Диета еден ден храна, друг ден не
Оваа диета која налага да јадете секој втор ден нуди полесно и поефикасно решение. Потребно е отприлика две недели да се привикнете на ваква диета, по што нема да се чувствувате гладни во оние денови кога не јадете. Истражувањето покажува дека ова е најздравото што можете да го направите за себе. Телото почнува да ги троши складираните масти во телото, а како резултат на тоа губите повеќе килограми отколку кога јадете само 20 % од нормалната количина храна, бидејќи оваа диета на некој начин го лаже метаболизмот. Кај обичните диети телото по 48 до 72 часа го успорува метаболизмот кој повторно ги складира мастите во телото. Кога ќе престанете со диетата и кога ќе почнете нормално да се храните, тежината побрзо се враќа, бидејќи телото сака да го надополни изгубеното, за да може повторно да функционира. Од друга страна, со јадењето секој втор ден тој ефект се избегнува, бидејќи оваа диета сепак ви дозволува да јадете нормално.
5. Монтињакова диета
Диетата на французинот Мишел Монтињак, е најоспорувана меѓу фалените диети, а се темели на т.н гликемски индекс. Имено, нивото на шеќер во крвта расте со секој оброк, по што панкреасот лачи инсулин кој тој шеќер го носи во мускулите и црниот дроб. Но, некои продукти, односно некои видови скроб и белковини, предизвикуваат засилен пораст на нивото на шеќери во крвта, поради што панкреасот лачи повеќе инсулин. Во тој случај се менува метаболичкиот процес – наместо мастите внесени со јадењето да согорат во тек на варењето на хранта, нив вишокот инсулин ги заробува и складира во резерви. Поради зголеменото лачење инсулин нивото на шеќер во крвта паѓа, поради што луѓето по оброкот чувствуваат замор и наскоро повторна глад и се решаваат нешто пак да каснат, иако мастите од изедениот оброк ги складирале, наместо да ги согорат.Недостиг на оваа диета е високото внесување протеини и масти и релативно малото внесување јаглехидрати, што со себе носи ризик за кардиоваскуларниот систем. Освен тоа можен е и недостиг на одредени витамини од Б групата.
Пет најлоши диети
1. Диетата на Лагерфилд
Поради желбата да облече елегантни тесни одела од конкурентскиот „Диор„ , Карл Лагерфилд во 2001 година успеа да изгуби 30 кг. Својата диета ја темелел на извртени принципи и со недели ништо не јадел, а дневно во организмот внесувал само вода и неколку лажици маслиново масло.
2. Аткинсонова диета
Првите 14 дена внесувањето на јаглехидрати е лимитирано на не повеќе од 20 г дневно. Не е дозволено овошје, леб, житарки, зеленчук богат со скроб, млечни производи (освен сирење, павлака и путер). Во тек на фазата во која почнуваат да се намалуваат килограмите, се врши експериментирање со разчични видови јаглехидрати, додека не се открие кои се „најлибералните„ дози кои можат да се внесуваат, а и понатаму да се губи телесната маса. Во тек на последната фаза се утврдува количината јаглехидрати кои личноста може да ги консумира, а при тоа да успее да ја задржи својата телесна маса. Според д-р Аткинс, повеќето лица мораат да го лимитираат внесувањето на јаглехидрати на не повеќе од 60 г дневно. Препораките за адекватно внесување на јаглехидратите формирани и прифатени од страна на различни реномирани организации, поттикнуваат дневно внесување на отприлика 300 г јаглехидрати.
3. Зонска диета
Нејзиниот автор американскиот биохемичар Бери Сирс, го пласира принципот на внесување на 40 % јаглехидрати, 30% протеини и 30% масти- што се премногу протеини и премалку јаглехидрати, ако се земат во обзир идеалните мерки кои нутриционистите ги препорачуваат, а тоа се 60 % јаглехидрати, 15% протеини и 25% масти.
4. УН диета или диета 90 дена
Таквата исхрана, под мотото – ослабете со пица и чоколада – се темели на идејата еден ден да се јадат само јагленихидрати, а друг само овошје. Нутриционисите предупредуваат дека може да се предизвика еден хроничен дефицит на есенцијалните масни киселини, авитаминоза, оптеретување на системот за варење и штитната жлезда и губење на калциумот.
5. Магичната супа – супа од зелка
Некои се колнат дека диетата е здрава. Зарем зелката не е здрава? И практична, бидејќи едноставно се приготвува и консумира ладна или топла. Наводно го поттикнува метаболизмот, создава добро расположение (многумина се колнат во спротивното), го смирува и ублажува стресот. Но, научно е докажано дека оваа диета поради недостиг од основните намирници како протеините и белковините, предизвикува многу пореметувања во организмот.