Првoаприлски маскенбал со еко маски
Задача на младите креативци ќе биде да изработат маски од материјали кои се рециклираат (хартија, пластика, најлон) и истите да бидат едукативни, забавни и инвентивни. Децата за изготвување на екомаските можат да им се препуштат на фантазијата и да користат амбалажи од сокче, млеко, кутија за колачи, празно шише или лименка, единствениот услов е материјалите да се рециклираат и творбите кои ќе учествуваат на натпреварот да бидат оригинални, да не се претходно изработени или некаде објавени.
“За нас 1-ви Април е еден од најубавите празници, затоа што тогаш децата се највесели и најпрепуштени на нивната бескрајна креативност, градските улици се исполнети со колоритни и инвентивни маски, па сакавме таа живост да ја пренесеме и во нашиот трговски центар. А создавањето на еко концептот за изработка на маските беше врз основа на нашите постојани заложби, и преку детското катче “Сезнајковци” и воопшто како компанија, односно поттикнување на младите на рационално размислување за животната околина во која живеат и оддржување на креативното размислување преку кое децата ќе испратат едукативни пораки”, изјави Елида Трајковска, координатор на проектот во Рамстор мол центарот.
Во организирање на овој единствен и уникатен маскенбал, партнер на “Рамстор” е “Пакомак”: “Ние веќе подолго време организираме акции и активности во кои директно ги вклучуваме децата, сето тоа е со цел да ја разбудиме екосвеста кај нив, затоа што веруваме дека доколку некој сака да направи вистинска промена, треба да започне од најмладите, кај нив најлесно се всадуваат позитивните вредности, тие се следбеници на сите наши дела”, вели Ико Брдаровски од Пакомак.
Учесниците во натрепварот можат да се пријават најдоцна до 31 март, до 18 часот на пултот поставен на главниот влез во трговскиот центар “Рамстор”.
А за 1-ви Април, денот на шегата закажано е дефиле на изработените маски, избор на најдобрите маски и церемонија за доделување на награди, која што ќе се одржи во ТЦ Рамстор во 14:00 часот. По прогласување на најдобрите, кои ќе добијат вредни награди, велосипед, ролерки и скирол, ќе следи богат забавен дел.
За избор на најдобра и најкреативна екомаска ќе се погрижи жири комисијата составена од претставник од Рамстор, Пакомак и ликовен педагог.