Исхрана без глутен за полесно забременување
Дали ако почнете исхрана без глутен, можете да забремените? Ако боледувате од целијаклија, протеинот глутен, може да предизвикува големи проблеми.
Него најмногу го има во житарките, како пченица, рж, јачмен и предизвикува реакција на имуниот систем. Недијагностицирана и нелечена целијаклија (нетолеранција на глутен, едноставно објаснето) може да предизвика проблеми кои ретко се поврзуваат со неа, а тоа се дијареа, губење тежина, анемија, низок раст, абдоминална болка, надувување во стомакот, анорексија и опстипација. Поврзаноста меѓу чувствителноста на глутенот и плодноста во последно време сè почесто се споменува. Многу научници и медицински професионалци веруваат дека недијагностицирана и латентна целијаклија може да предизвика големи проблеми со плодноста кај мажите и жените.
Што е целијаклија?
Тоа е имуно нарушување кое примарно го погодува гастроинтестиналниот тракт. Може да се дијагностицира со тест преку крв, биопсија или започнување на безглутенска диета, по која симптомите исчезнуваат.
Целијаклијата може да се класифицира на следните начини:
– Класична целијаклија – симптомите и тестовите индицираат на целијаклија.
– Тивка целијаклија – симптомите ги нема, но тестот преку крв е позитивен, а постојат и нарушувања во структурата на цревата.
– Латентна целијаклија – се одредува преку позитивен тест на крвта, но нема нарушувања на системот за варење, ниту симптоми.
– Потенцијална целијаклија – се однесува на луѓето кои немаат индикации за болеста, ни преку крвен тест ниту преку биопсија, но сепак имаат симптоми.
Жените чувствителни на глутен и плодноста
Жените со целијаклија се соочуваат со поголема опасност од неплодност и можни компликации во бременоста. Тука се вбројуваат необјаснета неплодност, повторливи спонтани абортуси, повисок процент на мртвороденчиња и интраутерни проблеми со развојот и растот на плодот.
Пред извесно време, тим лекари од медицински центар во Њу Делхи, направиле испитување на целијалните антитела кај жени со необјаснети проблеми со плодноста, чести спонтани абортуси, мртвородени деца или проблеми со развој на плодот во матката. Од 893 жени, колку што учествувале во истражувањето 300 имале нормална акушерска историја.
Но, при тоа кај останатите било утврдено дека целијалните антитела се пет пати повисоки во крвта кај жените со необјаснета неплодност, чести спонтани абортуси и мртвороденчиња, споредено со жените кои немале компликации. Кај жените со проблеми во интраутериниот развој, антителата биле речиси осум пати повисоки од нормалната вредност.
Според научниците, жените кои се соочуваат со необјаснета неплодност, чести спонтани абортуси, мртвородени деца или интраутерини проблеми во развојот треба да размислат за тестирање на целијаклија. Ако се открие дека постои, можеби третирањето со безглутенска диета, да помогне и да ги намали ризиците.
Мажите чувствителни на глутен и плодноста
Мажите со недијагностицирана целијаклија имаат поголем процент на абнормални сперматозоиди, како и абнормални хормонски нивоа. Една студија открила дека повеќе од 19 проценти мажи кои страдаат од целијаклија и се во брак имаат проблеми со стерилитет. Според направените анализи, сперматозоидите биле со намалена способност за движење и дефекти во структурата. Но, штом мажите почнале безглутенска диета, по некое време било забележеано подобрување. Така што според истражувањето, сосема е веројатно, мажите кои имале проблем со фертилноста, а боледуваат од целијаклија, со префрлање на безглутенска диета да станат плодни.
Исхрана без глутен
Некои двојки тврдат дека денес се родители бидејќи избрале да се хранат со безглутенска диета. Ако размислувате да преминете на исхрана без глутен, треба веднаш да почнете и да ги исфрлите сите продукти кои содржат глутен. Тоа не значи дека треба веднаш да набавите безглутенски готови производи, туку најдобро е ако самите избирате што ќе јадете. Вашата безглутенска диета треба да ви помогне во подобрување на плодноста, а не да го замените глутенот со безброј вештачки произведени производи кои се без глутен, но воедно не се ни хранливи.
Без глутенската диета помага во забременувањето
Наместо тоа, зголемете го внесувањето на овошје и зеленчук, храна богата со квалитетни протеини. На пример вегетаријански омлет со интегрална пченкарна тортиља, анместо пченичен тост и јајца. Заменете ги житарките и млекото со интегрална овесна каша и овошје. Комбинирајте ги оброците со безглутенски продукти како киноата, леќата и сл.
А кога ќе успеете во целта и ќе имате бебе, погрижете се кога ќе дојде време да се храни, да ги добива сите неопходни хранливи материи за правилен раст и развој.