Уживајте во благодетите на јогата и во тек на бременоста
Се будите едно магично утро и со сите свои сетила чувствувате колку е прекрасен денот. Вдишувате со полни гради и тргнувате да го освоите светот или барем да изминете дел од патот кон тоа освојување. За да биде уште попрекрасно чувствувате, откривате, дознавате и потврдувате дека магијата сте всушност вие, зашто едно мало вистинско чудо се случува во вас. Тоа чудо е производ на првото чудо наречено љубов.
Овие две чуда се тесно поврзани меѓу себе и имаат причинско последичен карактер, едното ве води кон другото т.е. љубовта ве води кон новиот живот кој се создал во вас, и ќе расте во вас цели девет месеци, и тоа не само за ваша радост, туку и за радоста на сите кои ги сакате и ве сакаат. Но чудата не завршуваат тука. Верувам и искрено ви посакувам да го доживеете и третото чудо наречено јога за бремени.
Ако сте доволно мудри и трите чуда наречени “љубов”, “бременост” и “јога” ги споите во едно, тогаш сте тројно благословени. Тогаш се чувствувате жена во комплетна смисла на зборот и ја осознавате моќта која ви е предодредена.
Сета љубов што ја имате во себе спонтано се насочува кон вашето бебе уште во првиот момент кога дознавате за него. Оваа взаемна врска е нераскинлива, трае и после телесното одделување. Затоа е многу важно како ќе го искористите времето во бременоста, зашто тогаш се поставува темелот на иднината на вашето дете и неговата поврзаност со вас, и секако релацијата со околината.
Секоја бремена жена знае дека не треба да чека да се роди бебето, за да може нешто да направи за него. И предходните девет месеци може да ги искористите квалитетно за себе, а истовремено од тоа да има корист и бебето. Можат да бидат исполнети со грижа, не загриженост, туку заедничко дружење, меѓусебно запознавање и свесност за постоењето на бебето и вашата улога во неговиот развој.
Практикувањето јога во бременоста е најдоброто нешто што можете да си го дозволите за себе и за бебето. Земајќи предвид дека тие девет месеци сте како едно, сè што правите за себе, всушност правите и за малиот човек што расте во вас. Или можеби ако сте повеќе екстровертни и ви оди од рака секогаш да бидете тука за другите, наместо за себе, тогаш знајте дека сè што правите за бебето истовремено делува и на вас. Секако дека јога-вежбите се една од можностите која ќе ви овозможи поздрава бременост, лесно породување и поголема свесност за сè што се случува во текот на бременоста и што всушност таа значи.
Ако сериозно сакате да ја практикувате јогата прво што ви треба е стручно водство. Јогата е учење и затоа ви треба некој кој ќе ви го пренесе тоа знаење. Бремените се специфична група, зашто се најчувствителни и потребно им е посебно внимание, затоа е исклучително важно какви упатства добиваат и кои техники им се задаваат да ги работат. Тука одговорноста е двојна и нема место за двоумење и грешки, но таа одговорност ја споделува и трудницата. Затоа не импровизирајте сами со различни вежби, барајте инструктор што може безбедно да ве води низ бременоста и ќе ги согледа вашите индивидуални потреби и можности.
Знам дека е вистинско херојство да се дојде на часот по јога. Не дека некогаш било полесно, но природата на човековиот ум е таква што секогаш ни се чини дека сегашноста е најтешка, а времињата кои поминале се најубавите, веројатно само затоа што не можат да се вратат. Затоа се вредни за почит оние кои одвојуваат време за јога. Некои од трудниците, “трчаат” од работа да дојдат на час, некои бараат кој да им го чува детето дома борејќи се со чувството на вина дека го оставиле, можеби треба и да објаснуваат некому кој не ги разбира што прават, или пак бараат кој да ги донесе и земе после часот, зашто живеат далеку од центарот за јога. Но колку повеќе труд вложувате во она што сакате да го направите толку повеќе и ќе ви биде возвратено и ќе уживате во благодетите и на јогата и бременоста.
На часовите по јога за бремени се изучуваат:
– техники за релаксација со кои целосно се ослободува заморот, тензијата и напнатоста од телото и умот.
– техники на дишење или пранајама со кои се зголемува дишниот капацитет и протокот на кислород кој е неопходен за правилниот развој на вашето бебе, (запомнете сега дишете за двајца)
– вежби за телото или асани, кои го враќаат тонусот на мускулатурата, нивната еластичност и цврстина, се враќа чувството на подвижност и леснотија во телото.
– техники на концентрација и медитација со кои го откривате и облагородувате својот внатрешен свет (не заборавајте – тој свет е единствениот кој го поима вашето бебе, затоа сте должни да се грижите за него).
Курсот за бремени е прилагоден за потребите на бремените, не само практичниот дел туку и темите за разговор кој имаат за цел да ни отворат нови хоризонти и простор за повеќе размислување.
Сето ова и помага на бремената жена во нејзината едукација со која подготвено ќе го дочека завршниот чин, чинот на раѓањето кој може да биде онаков каков што го посакувате.