Време е за бебе
Телевизиското шоу „Време е за бебе“ која е многу популарна во Србија, почна да се снима и емитува и во Македонија. Ова шоу кое се емитува секоја недела од 15.00 часот и репризно во понеделник од 15.30 часот, содржи 30 емисии низ кои се следат настаните пред и околу раѓањето на второ, трето…дете во семејството. Проектот го носи продукцијта Award, а организатор и реализатор е Горан Стоилковиќ, кој беше наш соговорник во интерјвуто:
– Гледачите имаат можност, преку малите екрани да бидат дел од животот на семејството кое очекува бебе. Семејството раскажува за животот во местото каде што живее, објаснува кој е нивниот главен извор за заработка, со што се занимава и како го поминува секојдневието, ги запознава гледачите со обичаите околу раѓањето на нов член во семејството, односно на забавен начин се следи сè што се случува откако ќе дојде новото бебе во домот.
Одбраните семејства се различни по структура, место на живеење социјална и материјална структура меѓутоа пораката им е иста, децата се раѓаат од љубов и се најважното нешто кое останува зад нас. Секоја епизода е како дневник на едно семејство, а отсуството на водител и дополнителни коментари овозможува директно да се слушнат искуствата на другите и од секое семејство да се научи по нешто ново.
– Вредноста на серијата е во тоа што достоинството на секој поединец и на секое семејство е испочитувано од првата до последна сцена, а сепак сите семејства се прикажани реално и со документаристички пристап. Учесниците сами се пријавуваат преку телефон или електронска пошта, а при изборот нема никакви посебни критериуми. Колку поразлични семејства по социјална, демографска или културолошка структура, толку поголемо богатство во споделените искуства и ставови. Така што, ние не избираме, може да учествува секој кој сака да ги сподели своите среќни моменти. Единствен услов е семејството да очекува принова второ, трето…дете и да се подготвени да ги споделат своите искуства со публиката – објаснува Горан.
Во емисиите, освен семејствата вклучени се и стручни лица од различни области: социјални работници, психолози и доктори, кои даваат стручни совети и зборуваат за проблемите со кои се соочува едно македонско просечно семејство со доаѓањето на уште еден член, а воедно нудат решенија за тоа како полесно да се надминат истите.
– Семејството е животен приоритет, а моментот кога се очекува нов член во него е од особена важност кај сите негови членови. Токму поради тоа веруваме дека емисијата ќе достигне солидна гледаност, затоа што секој би сакал да има можност да види што всушност се случува и како поминуваат деновите кај оние семејства кои очекуваат принова. Емисијата е едукативна за оние кои се подготвуваат да го прошират семејството, оние кои очекуваат новороденче, а воедно ќе ги потсети на убавите моменти оние кои веќе поминале низ тој период – заклучува Стоилковиќ.
Сите заинтересирани семејства можат да се пријават со смс порака на тел. 078 346 906 или по електронска пошта на [email protected]