Учете ги децата на толернатност
Мултиетничкото општество е нашата реалност. Воспитувајќи ги децата да бидат отворени за учење на различните култури им ги отвораме вратите за нови искуства и нови идеи.
За да имаат успешна иднина, децата не треба да се плашат да исчекорат надвор од зоната на удобноста, односно треба да ги научиме да ги разбираат, почитуваат и ценат другите и различните од нив.
Сите деца потенцијално можат да научат многу нови и корисни работи од другите култури, да стекнат можности за образование, вработување, патување, слобода во изборот на стилот на живот, уметноста и во многу други области од животот.
Толеранцијата не значи отстапки од личниот интегритет, туку напротив, подразбира прифаќање на другите луѓе на оној начин на кој би сакале тие да не прифатат нас. Толеранцијата не значи жртвување на своите верувања и убедувања, туку токму спротивното, толерантните личности гордо стојат зад своите верувања и истовремено ги почитуваат разликите кај другите.
Децата најчесто имаат исто ниво на толеранција како нивните родители. Родителите за децата претставуваат модел на кој тие се огледуваат, ги набљудуваат и имитираат дури и пред да почнат да зборуваат, па така родителите кои покажуваат толеранција преку секодјневните зборови и постапки, ги учат своите деца да ги почитуваат различностите.
На тој начин им даваат поттик да другаруваат и играат со деца кои се различни од нив.
Неколку совети како да ги научите децата на толерантност
1. Учете ги децата за традициите во вашето семејство и поттикнете ги да се чувствуваат горди на тоа. Воедно учете заедно со своите деца за другите култури и традиции
2. Размислете за начинот на кој разговарате и комуницирате со другите луѓе. Дали во тоа има одраз на толеранција? Покажете почитување кон другите и вашите деца ќе го прифатат тој модел.
3. Одберете програми, филмови и игри кои ја отсликуваат вредноста на разликите. Медиумите се моќна алатка која има способност да ги обликува ставовите.
4. Училиштето е институција која заедно со семејството има голема улога во воспитувањето на децата. Усогласете ги начините и насоките на воспитување со оние од училишните програми, особено со активностите кои го поттикнуваат мултикултурализмот.
5. Охрабрете ги децата да ги прифатат програмите за поголема интегрираност во образованието, со тоа што и самите ќе се вклучите во нив. Можете да се вклучите во родителските совети во рамки на училиштето и да дадете свој придонес кон остварувањето на целите во насока на подобар соживот.
ПР текст