Погача „македонско сонце„
Состојки:
За тестото:
– 1 1/2 кг брашно, 500 мл млако млеко, 250 мл масло, 1 1/2 свеж квасец (60 г), 2 лажици шеќер, 1 1/2 лажица сол, 3 јајца, 1 филџан топен маргарин
За премачкување:
– 2 жолчки, филџанче млеко, семе од сусам, лен и афион
Приготвување:
Ставете го квасецот да стаса. Во еден сад измешајте ги млекото, јајцата, шеќерот, солта, маслото, додајте го стасаниот квасец. Промешајте, па додајте го брашното. Во оригиналната рецепта пишува 1 и пол кг брашно, но јас ставам отприлика, за да ми биде помеко тестото. Готовото тесто оставете го да стаса. Кога ќе биде готово, размесете го и поделете го на три дела – еден помал и два поголеми.
Помалиот дел обликувајте го како топче и оставете го на страна.
Другите два дела поделете ги на 5 топчиња. Од секое топче расукајте коричка и премачкајте ја со топен маргарин, освен последната. Петтата коричка расукајте ја малку поголема од останатите, ставете ја најгоре и краевите подвикајте ги под останатите корички.
Ставете ги во подмачкан и побрашнет плех. Засечете ги корите од средината кон краевите на осмини, но не одете до крај, оставете околу 1 см. до работ на тепсијата. Исечените краеви свртете ги кон надвор.
Повторете ја постапката со другите пет корички, само сега краевите виткајте ги кон надвор меѓу две осминки од правата кора. На крај ставете го топчето во средина.
Нека стаса, па премачкајте ја со матените жолчки и млеко. Посипете со семе од афион на средина, првиот ред корички со семе од лен и последниот со семе од сусам. Ставете да се пече во загреана рерна.
Напомена – рецептава ја најдов на сајтот coolinarika (овде ја има постапката во слики), и според моја проценка оваа смеса е многу за една погача. Па ја поделив на еден поголем и еден помал дел. Од поголемиот ја направив погачата сонце, во тавче бр. 32, а од другиот испеков погача цвет.
Оваа погача се обликува така што се сука целата кора, па се сече на осмини. Се прават големи кифли, се сечат на пола и се ставаат во подмачкано тенџере со врвот кон внатре. Од малку тесто се формира централниот дел. Исто се мачка со матени жолчки и млеко, па се посипува со сусам, лен и афион.
By Big Sister