Како да му помогнете на детето да стане самостојно
Колку и да е напорно самостојно да се грижaт за мало дете, многу родители ќе кажат дека полесно е кога го имаат пред очи, отколку кога е далеку од нив и постојано се грижат дали му се случило нешто лошо.
Но како што расте детето, ќе дојде време кога и тоа треба да остане само дома или пак да замине за да заврши различни задачи, да си игра или да се забавува.
Многу родители стравуваат од таквите чекори, бидејќи можат да бидат стресни и за нив и за детето. За жал, некои од тие ситуации, потенцијално се опасни. Но, иако и нашите домови и надворешниот свет кријат многу опасности, страшните сценарија и несреќи за среќа се ретки. Првото оставање на детето во градинка е стресно и за родителите и за детето, а слично е и со првото самостојно одење во училиште или вечерно излегување со друштвото. Колку и да се плашат, родителите не смеат да заборават дека тоа се нормални и позитивни појави, кои речиси стопроцентно поминуваат без проблем, доколку се случат на правилен начин и тогаш кога детето е зрело за нив.
Секој родител знае дека би направил поголема штета, отколку корист, кога би му го ускратил на детето нормалниот живот поради потенцијалните опасности. Но, она за кое сме рационално свесни и она од кое понекогаш се плашиме не е секогаш лесно да се прифати. Уште од рана возраст децата се спротивставуваат од одделувањето од родителите, па не ретко прават сцени и крајно емотивно го доживуваат одделувањето. Од друга страна, во просторот во кој се чувствуваат сигурно, знаат да бидат крајно невнимателни, па вообичаен е стравот на родителите, да не им се случи нешто кога се сами дома. Со постарите деца најчест проблем е во тоа што сакаат што побрзо да пораснат и мислат дека се зрели за секакви авантури, а родителите со тоа не се сложуваат.
Не постојат правила за тоа кога некој е подготвен за одреден чекор во осамостојувањето, бидејќи децата се разликуваат. Исто така, не е сеедно дали семејството живее во мирно и мало место во кое сите се познаваат или во велеград. За секој значаен чекор во осамостојувањето треба да се разговара што порано, бидејќи тоа ќе им помогне и на родителите и на детето, подобро да ја согледаат ситуацијата и да ја проценат детската подготвеност за неа. Секој голем чекор добро е да го поделите на повеќе помали, сигурни и едноставни чекори. На пример, нема веднаш да го оставите детето во градинка цел ден, туку прво половина час, па се подолго. До возраста кога ќе почнете да ги оставате сами дона (тоа е најчесто на школска возраст) важно е децата да усвојат одредени правила на однесување и сознанија за опасностите, па да сфатат дека самите се одговорни за своето однесување и неговите последици. Родителите треба да се реални во прикажувањето, значи детето треба да биде запознаено со вистинските и можни опасности, при што не смеете да го плашите, особено за опасностите кои крајно ретко се случуваат.
Во градинка и училиште, на најчесто се на располагање стручни возрасни лица кои ќе му помогнат на детето и ќе ги посоветуваат родителите, ако забележат некоја невообичаена реакција или ситуација. Како ќе му пристапите на детето, зависи од ситуацијата, но и од него самото – на опасностите почесто ќе го предупредувате детето кое е склоно кон авантури, додека она кое е плашливо ќе го охрабрувате да направи одредени чекори. Родителските стравови најчести се кога детето не е со лице во кое имате доверба. Посебно стресни се вечерните излегувања, бидејќи родителите се плашат од алкохолот, дрогата, грабежи, тепачки, сексуални искуства, сообраќајни незгоди…Сите тие се реални опасности, но сетете се дека и вие сте поминувале низ истите ситуации и тоа повеќето без сериозни проблеми. Колку и да се страшни, случувањата како претепувања се ретки. Опасноста може да се намали со движење во група, по осветлени улици или ангажман на родителите кои во смени ќе ги развозуваат децата во доцните часови. Дел од опасноста зависи и од однесувањето на детето – на пример пијано дете, полесно ќе падне во опасна ситуација, па и стапката на опасност зависи од тоа колку добра работа имате завршено дотогаш во неговото општо воспитување. Дел, секако е и чиста среќа, бидејќи автомобил може да ве удри и само што ќе излезете од дома, па таквите мисли треба да ги сечете во корен.
Шпиунирањето, односно тајното снимање и надзор стануваат се подостапни на технологијата. Таквите методи, во голема мера можат да го намалат стресот и да ви дадат одговор на прашањето дали со детето се е во ред и дали се однесува во склад со договорот, но никако не се препорачуваат. Имено детето може да биде разочарано поради тоа што родителите не му веруваат и чувството за приватност му е нарушено. Истото се однесува и за честото јавување преку мобилен. Во правило прифатлив и препорачлив е единствено електронскиот надзор на сосема малите деца (бејби аларм). Кај повозрасните деца, таквиот надзор може да се оправда ако се работи за дете со потешкотии во телесниот или интелектурален развор и евентуално во случај на деликвенција, односно слични, екстремни проблеми во однесувањето на детето, но и тогаш секако треба прво да се посоветувате со стручни лица.