Дали вашето бебе добива доволно витамин Д?
До пред неколку години, препорачаната доза на Д витамин за бебиња и мали деца изнесуваше 200 ИУ (интернационални единици). Меѓутоа, резултатите од најновите истражувања покажаа друго. Односно дека на децата, од раѓање па се до поаѓање на училиште, потребно им е два пати повеќе од овој витамин за нивните коски правилно да се развиваат. Освен тоа, препорачаната дневна доза од 400 ИУ на ден е одлична превентива против појавата на дијабетес и карцином на коските на постари години. Тоа значи дека бебе постаро од 1 година треба да пие 8 чаши млеко збогатени со АД витамини на ден. Но, бидејќи поголем број деца не можат да ја испијат таа количина, разликата треба да се надокнади со давање на Д витамин во вид на капки.
Како се создава витаминот Д?
Нашето тело не може само да создава витамин Д, па потребно е да го внесуваме преку исхраната или со изложување на сончевата светлина. Стручњаците ги советуваат мајките да го избегнуваат изложувањето на бебешката кожа дирекно на сонце поради ризик од појава на карцином на кожа и да се определат за природни препарати. Лекарите се согласуваат во фактот дека е подобро на бебињата и малите деца да им се даваат производи богати со витамин Д отколку да се изложуваат на сончева светлина, бидејќи никој се уште нема утврдено колку долго бебе смее да биде на сонце, а тоа да не е штетно.
Кои производи се богати со витамин Д?
Ако почнете да го навикнувате бебето да јаде риба како лосос, сардина или туна по навршени 10 месеци, неговиот организам покрај корисни масни киселини ќе добива и витамин Д. Сепак и покрај тоа, купувајте млеко и житарки збогатени со овој витамин. Меѓутоа, малку е веројатно дека бебето ќе може да ја изеде онаа количина на житарки и да испие толку млеко колку што е доволно за да ги внесе потребните количини од витамин Д. Поради тоа добро е да давате и некаков препарат.
Кои се последиците од недостаток на витамин Д?
За време на првата година од животот, покрај калциум и фосфор, секојдневното внесување на витаминот Д е неопходно. Неговиот недостаток го предизвикува добро познатото заболување – рахитис, кое освен промена на коските и забите, е причина и за низа други здравствени проблеми, пред се поврзани со имунитетот. Покрај ова, според резултатите од најновите истражувања, децата кои во најраната возраст немаат доволно витамин Д, подоцна имаат поголема склоност кон инфекциите, како и некои автоимуни, па и малигни заболувања.
Што е рахитис?
Рахитисот е болест на коските кои растат и се јавува во фазите на најинтензивен раст (од раѓање до предшколска возраст, а покасно и во пубертет). Во основа, болеста предизвикува пореметување на минерализацијата на новосоздадените коски, односно недоволно наталожување и вградување на калциумот во рскавицата и основната коскена маса на долгите коски. Последица е деформирање на рскавицата и коскеното ткиво. На тие места се јавуваат неправилни задебелувања кои можат да се опипаат и регистрираат со рендгенска снимка. Коските омекнуваат и се криват под влијание на тежината на телото.
Постојат 2 облика на рахитис: хиповитамински или витамин Д зависен рахитис, кој настанува заради недостаток на витаминот Д во организмот, и витамин Д резистентен рахитис, кој настанува поради вродени или стекнати пореметувања во метаболизмот на витаминот Д, калциумот и фосфорот.
Колкави се потребите на бебешкиот организам за витамин Д?
По раѓање
Почнувајќи од 15от ден по раѓање, на бебето секоја вечер (по капење, а пред доење) треба да му се дава воден раствор од АД витаминот. Почнете со 1 капка, па постепено зголемувајте ја количината за по 1 капка на секои 5 дена, што значи, по поминати 20 дена, бебето треба секој ден да добива по 6 капки од овој витамин.
Од 6 до 12 месеци
По наполнети 6 месеци, зголемете ја количината од овој витамин на 10 капки во ладниот период од годината. За време на топлиот период, доволно е да му давате на детето по 5 капки до навршување на 1 година. Доколку бебето не се храни со мајчино млеко, туку со адаптирано млеко во прав, не треба да му се додава витамин Д затоа што сите познати млечни формули го содржат во доволна количина.
По навршена 1 година
Кога детето преминува од адаптирана формула на обично кравјо млеко, почнете да му давате некој производ во препорачаната доза.По навршена 1 година, детето барем 1 неделно нека јаде лосос или пилешки дробр и нека пие најмалку пола литар збогатено полномасно млеко. Овој режим на исхрана ќе задоволи половина од неговите потреби за витамин Д, а другата половина (до 400 ИУ) надокнадете ја со некаков производ наменет за деца.