Настинка или алергија
Вашето дете веќе неколку дена има кашлица, покачена телесна температура и треска. По неколку дена симптомите се смируваат, но, за жал, за неколку дена ситуацијата се повторува. Состојбата трае со денови, а вие не знаете за што се работи… Дали станува збор за настинка, за алергија или, пак, е астма? Детето е болно, а родителите се загрижени.
Aлергија
Доколку се работи за алергија, вашето дете може да ги има следниве симптоми: кивање, насолзени очи, чешање на носот и очите, но и болки во грлото. Ако овие симптоми се засилуваат кога детето е надвор и во близина на полен можеби се работи за „поленска треска“. Обично настинката се јавува постепено, носот ќе почне да тече, ќе се јави чешање на очите и слаба треска.
Настинките имаат тенденција да траат околу 2 недели, додека карактеристика за алергиите е што траат многу подолго. Назалните алергии може да траат во текот на целата година, а особено се активни во месеците кога има полен. Вашето дете може да кива и кашла и кога е во затворен простор, ако е алергично на прав или на домашни животни кои се предизвикувачи на алергии во текот на целата година.
Поврзаност со годишните времиња
Во пролетта, кога цветаат дрвата и цвеќињата, поленот е насекаде околу нас. Ако вашето дете постојано кива, отежнато дише и му тече носето, со сигурност виновник е поленот. За време на летото, пак, алергиска реакција може да биде предизвикана од полен, трева, мувлата и убодите од инсекти. Летните месеци исто така се поврзуваат со алергијата на храна и полен. Тоа е кога со внесувањето и консумацијата на овошјето и зеленчукот се внесува и полен преку устата. Симптомите можат да се јават во различен период од денот. Доколку детето не сака да јаде откако ќе се разбуди од спиење има затнато носе, кива, кашла причина за тоа може да биде алергијата од домашната прав и влакната од милениците. Ако вашето малечко е затнато за време на зимата, има носна секреција, го чешаат очите и му солзат, можно е да се работи за настинка. Консултирајте се со вашиот педијатар или алерголог.
Затнат нос
Ако на вашето малечко постојано му тече носот, а секретот е провиден и воденикав, веројатно се работи за алергија. Додека, пак, зеленкавиот и густ секрет асоцира на инфекција или вирус. Проблемот со затнат нос може да се реши преку инхалации, со аспиратор за секреција или лекарства.
Астмата и возраста на детето
Според медицинските истражувања, астмата најчесто почнува околу 6 година од животот, додека алергиите се појавуваат во секој период од животот. Често сме сведоци дека и новороденчињата се алергични на одреден вид храна. Алергиите на отворено можат да се појават на возраст помеѓу 4. и 6. година од животот, додека алергиите кои се актуелни во затворен простор и под 4-годишна возраст. Доколку симптомите се влошуваат или вашето малечко има егзема (воспаление на кожата), време е да направите тест за алергија. Ако алергијата или егземот се појавил кај деца помали од 6 години, голема е веројатноста дека тоа дете во текот на живот ќе добие астма. Кога некој од родителите има алергија, постои голема веројатност да се појави и кај детето. Шансите се зголемуваат за два пати ако и двата родители се алергични. Како и за алергиите, истото важи и за астмата. Голем дел од луѓето кои имаат астма, исто така, имаат и алергии. Докторите оваа појава ја нарекуваат „алергиска астма“.