Дислексијата не е болест
Дислексијата е една од специфичните пречки во учењето и се појавува насекаде без разлика на културата и јазикот. Се појавува дури и кај надарените, креативни и успешни деца, а најголем проблем е неинформираноста на луѓето поради што често ваквите деца ги стигматизираат беспотребно.
Попреченоста во основните вештини за читање е позната под поимот дислексија. Проблемите се процесираат како неможност да се воспостави врска меѓи пишаните букви и нивното процесирање во гласови, односно изговор. Сепак ако едно лице има дислексија, не значи дека не може воопшто да чита, туку тоа го прави со тешкотии. Некои лица со дислексија не можат да препознаат некои зборови веднаш, некои пак можат добро да читаат зборови во приказни, а не можат да прочитаат бесмислени зборови напишани на лист хартија.
– Ова се случува бидејќи тие учат како да го употребат контекстот како алатка за препознавање на зборови за кои се несигурни. Лицата со дислексија не ги гледаат зборовите и буквите наопаку, немаат интелектуални тешкотии, а примарните карактеристики на дислексијата се тешкотии во декодирањето на индивидуални зборови, бавно и неточно орално читање и тешкотии во спелувањето кое е карактеристично за странските јазици – објаснува доц. д-р Александра Каровска Ристовска, од Институт за дефектологија на Филозофски факултет во Скопје
Бидејќи децата се разликуваат во нивниот развој, наставниците и родителите не се секогаш сигурни во знаците кои може да им помогнат во препознавање на дислексијата. Првата грешка е што не треба да се гледаат индивидуалните симптоми, туку треба да се бараат групи од симптоми кои ќе ги насочат во откривањето на дислексијата или други пречки во учењето. Колку порано ќе се открие дислексијата, толку подбро бидејќи ќе може на време да се интервенира и да му се помогне на детето полесно да ја совладува. Клучна улога во тоа имаат прво родителите и нивната безусловна поддршка.
– Всушност, на дислексијата може да се гледа како одговорност на целото семејство. Една од грижите на родителите е поставувањето на соодветна дијагноза, која кај нас за жал некогаш поминува со етикетирање. Родителите покажуваат големо олеснување кога ќе го употребиме поимот дислексија, бидејќи се соочени со околината која од незнање му лепи етикети на детето дека не е доволно интелигентно, дека е интелектуално попречено оти е неписмено и тн. Со точно поставената дијагноза и родителите сфаќаат зошто детето има потешкотии – вели соговорничката.
Друг важен фактор во помагањето на децата да го надминат проблемот е соработката со училиштето, односно наставниот кадар. Проценката на дислексија се одвива на специфичен начин, но тоа не значи дека наставникот нема клучна улога во процесот. Тој е првата личност која открива дека детеtо има потешкотии во изведувањето на училишните и домашните задачи на соодветен начин. Често наставникот може да забележи и дека има несовпаѓање во писмена и усна изведба кај детето. Во таков случај тој може да употреби листа за проверка со ученикот која може да го насочи во откривање на тоа зошто детето не постигнува добри резултати или заостанува зад соучениците.
– Овој вид проценка е првиот чекор во дијагностицирањето на дислексијата. Но, тоа не треба се базира само на тестови, туку треба да се земат во предвид и факторите во училницата, наставната програма, преференците за учење на детето и неговите тешкотии и силни страни.Разликите кои се појавуваат на ниво на мозокот и кои предизвикуваат дислексија може да предизвикаат проблеми со разбирањето на прочитаното, слушањето, зборувањето, пишувањето, математиката, меморирањето, извлекување на податоци од меморијата или пак со брзото изведување на некои работи. Дополнително, дислексијата може да настане паралелно со други проблеми како што се депресија, анксиозност, дисграфија (проблем со пишувањето), и различни типови на АДХД – потенцира професорката Каровска Ристовска и додава дека училиштата треба да понудат различни методи и програми на подучување
Според досегашните искуства, дислексијата не се лечи, но луѓето со дислексија може да завршат факултет и да бидат успешни. Не постои граница што можат да постигнат лицата со дислексија, но потребно е многу работа. Дислексијата се јавува кај луѓето од целиот свет и е доживотна состојба. Постојат многу познати лица кои или имале дислексија или имале симптоми на дислексија, како Леонардо Да Винчи, Нелсон Рокфелер, Томас Едисон, Ханс Кристијан Андерсен, Винстон Черчил и Агата Кристи. Сепак, интервенцијата може да има многу позитивно влијание врз способноста на едно лице да чита и пишува. Раната идентификација и интервенција се најефикасни при помош на децата со дислексија, но, за жал сепак поголемиот број деца со проблеми во читањето не се дијагностицирани сè до повисоките одделенија, а борбата со читањето која ја имаат децата со дислексија понекогаш може да биде трауматична, иако некогаш се работи за лесни проблеми со читањето.
Во Македонија за жал нема точни статистички показатели за бројната состојба на учениците со дислексија. Во светски рамки дислексијата се смета за едно од најчестите невроразвојни нарушувања со застапеност од 5-12%. Во моментот на Институтот за дефектологија се работи на стандардизиран тест прилагоден на нашиот јазик кој би бил унифициран и со чија адекватна примена би дошле до некои валидни статистички податоци за застапеноста на учениците со дислексија во Македонија.
– Членовите на стручните тимови во училиштата-психологот, педагогот и дефектологот (или логопедот), врз основа на своите академски познавања или нивното искуство, исто така се компетентни да ги детектираат и проценат децата со дислексија. Нивната улога секако повеќе има советодавен карактер односно тие им нудат на наставниците стратегии за работа или насоки за работа со овие деца. Дислексијата како поле на работа е опфатена и од логопедите и дефектолозите кои се обучени за работа со деца со дислексија преку различни наставни содржини и преку различни наставни предмети – вели Александра и додава дека од овој семестар изборниот предмет „Дислексија и дисграфија“ е достапен за студентите на сите институти на Филозофскиот факултет.
Личното искуство е најболно
Поимот „дислексија“ за Славица Тасевска Николовска од Скопје бил непознат до моментот кога забележала дека нејзиното најмало од трите деца, синот Симон, има потешкотии во училиште. Уште во градинка тој не ги сакал активностите поврзани со држење на молив, не сакал да учи песнички, но тоа не ги загрижувало бидејќи бил весело, комуникативно и интелигентно кое многу сакало да се дружи со деца и возрасни, и имал изградено богат речник што му помагало во комуникацијата со луѓето.
– На почетокот на прво одделение не забележавме дека тој се разликува од другите деца. Со задоволство одеше во училиште, беше насмеан и среќен, но тетратките му остануваа празни. Буквите не ги научи. Тогаш посетуваше целодневна настава, а наставничките ни велеа да не се грижиме, дека е интелигентно дете и за него нема да има проблем. Во второ одделение се случуваше истото. И по првото полугодие буквите останаа не научени, тетратките празни. Почнавме со медицински прегледи, кои покажаа дека нема проблеми со видот и слухот.
Снимањето на мозокот исто така не покажа аномалии. Посетивме психолог и детски психијатар и сè беше во ред, но психологот ни посочи дека некои деца се комплетно во ред, а имаат проблем само со училишното градиво. Неговото укажување беше основа за почетокот на моето истражување и на интернет кога впишав “ reading problem“ се појавија безброј страници за дислексија. Забележав дека тоа е вообичаена појава и дека околу 15 % од населението во светот се соочува со ваков проблем. Се охрабрив бидејќи согледав дека дислексијата не е “ништо страшно“ и дека детето треба дополнително да работи со стручно лице за дислексија. За жал не можев да најдам кај нас такво лице, па во трето одделение Симон продолжи во класична настава и дополнително ангажиравме наставник да работи со него секојдневно со цел да не заостане со училишниот материјал. Јас ја напуштив мојата постојаната работа и се посветив на проучување на дислексијата.
Истражувајќи за различните методи за работа со деца со дислексија одлучив да се обучам за методата на Рон Дејвис кој самиот имал тешка форма на дислексија, истата ја надминал и својот метод го проширил низ светот преку обучени тренери. Оваа метода се применува веќе 40 години со голем процент на успешност. Обуката ја поминав во Италија и во Франција, во зависност од тоа каде се одржуваа бројните предавања, практични вежби и демонстрирање на стекнато знаење. Исто така ме интересираа и другите методи за работа со деца со дислексија, така што го совладав и курсот за поддршка на деца со дислексија кој е поддржан од London University. Согледувајќи го фактот дека во Македонија има многу малку информации за дислексијата и дека притоа голем број на деца не се третирани правилно, паралелно со мојата обука го формиравме „Здружението за дислексија Ајнштајн“ со цел да им помогнеме на што повеќе деца – вели Тасевска Николовска, која е обучен тренер за дислексија по Дејвис методот, и најавува дека е посветена на отворање Центарот за дислексија.
Во Македонија малку се знае за дислексијата
„Здружението за дислексија Ајнштајн“ постои од декември 2013 година и главна цел е подигнувањето на јавната свест за дислексијата, правилен третман на лицата со дислексија и измена на законската регулатива со што дислексијата би влегла во законот како посебна состојба. Преку разни семинари и кампањи неговите членови се борат и за да се обезбеди соодветна литература за тоа како да се третира дислексијата.
– Од октомври започнуваме со вториот дел од кампањата „Јас имам дислексија, ништо страшно“, во што ќе бидат вклучени многу познати личности кои ќе помогнат за подигнувањето на свеста за постоењето на дислексијата како состојба. Веќе во завршна фаза е истражувањето на територија на град Скопје за тоа колку наставниот кадар е информиран и запознаен со дислексијата и колку дечиња би можеле да се препознаат дека имаат дислексија. Паралелно со сите активности во нашето здружение организираме отворени денови каде што сите кои имаат желба можат да присуствуваат. Во план се и едукативни работилници за дислексија наменети за 600 одделенски наставници како и обуки за дислексија за 80 претставници од надлежните образовни институции – вели Дамјан Николовски претседател на здружението и додава дека ако проблемот се признае и перопознае 50% е решен, па затоа апелираат до сите асеганати страни дека дислексијата не е ништо страшно туку таа претставува дарба доколку рано се открие и се работи на истата.
Дислексија не се јавува како резултат на:
- Лошо воспитание или недостаток на образовни можности,
- Лошо подучување или вид на инструкција за учење,
- Средински фактори,
- Визуелни или слушни проблеми или
- Недостиг на мотивација.
Што е „дејвис метод“?
Во 1980 година, Рон дејвис успеал да ги надмине своите проблеми со дислексијата, кога нашол начин како да ги елиминира честите перцептивни нарушувања. Така тој за прв пат успеал да чита книга со уживање. По многу истражувања, неговиот метод е признат и се користи за корегирање на дислексијата кај деца и возрасни. Тој открил дека лицата со дислексија имаат многу скриени ментални таленти, размислуваат во слики, а не зборови и тие се многу имагинативни и креативни, па се обидуваат да ги решат проблемите со гледање на целата слика, наместо да одат чекот по чекор. Затоа неговиот метод се базира на користење на менталните таленти кај дислексичните луѓе за да се надминат проблемите со читање. За вакви луѓе се користи поинаков пристап во учењето.
Теа кидс 2015 г. – Анита Златкова