Следете ги желбите и потребите на своето бебе
Фрапантно е колку многу погрешни информации за доењето добиваат неискусните мајки! Тажно е што голем број од дезинформациите се добиваат од медицинските лица.
И јас бев мноооогу изгубена млада и неискусна мајка и многу ќе ми помогнеше да добијам неколку кратки и корисни, сублимирани совети, да не талкам.
И покрај кризите и збунетоста на почетокот, успешно ја доев ќерка ми 14 месеци па еве да го споделам моето искуство со надеж дека некому ќе му користи.
1. Не го дојте бебето по точно утврден распоред
Нема поголема глупост од доење по распоред, на пример на секои 3 часа. Па зарем ние огладнуваме секогаш во исто време?! Така и бебињата, некогаш се погладни, а некогаш претходно се нацицале убаво и подолго време се сити. Тоа зависи од возраста, силата за исцицување млеко, гладта, расположението, положбата за цицање и т.н. Јана понекогаш по цел ден беше залепена за града, а понекогаш цицаше на 3, 4 саати. Ова е променливо и нема никаква логика да се гледа на саат.
2. Не ја ограничувајте должината на подоите
Некогаш бебето сака да цица 2-3 минути, а некогаш 45 минути па и повеќе. Ќерка ми знаеше да цица и по цел час, особено ако беше уморна или исплашена. Не заборавајте, цицањето е и нежност, а не само храна. Понекогаш цицаат често или долго за да се погалат- не им го ускратувајте тоа.
3. Не будете заспано бебе
Ако спие, значи е сито, не го будете за цицање. Само недоносени бебиња кои слабо напредуваат треба да се будат за цицање, останатите не. Гладно бебе ќе плаче, нема да спие спокојно. Особено не го будете цицалчето ноќе за да цица. Ако спие цела ноќ без да стане, бидете среќни. Јас еднаш послушав совет да ја будам ноќе за доење и никогаш повеќе.
4. Бебе кое заспива на града е задоволно бебе, а не гладно бебе
Тврдењето дека бебето заспива на мајчината града бидејќи нема доволно млеко е смешно. Па има ли поубав начин за заспивање? Полно меше и топлина од сигурната мајчина прегратка.
5. Следете ги желбите и потребите на своето бебе
Дајте му да цица кога и да посака, колку и да сака, не го будете кога спие, не го терајте да цица со сила, почитувајте ги неговите физиолошки и емоционални потреби. И пак не заборавајте, цицањето не е само храна, туку нежност, сигурност, гушкање, утеха, прибежништво.
Ова е моето искуство. Се надевам дека некому помогнав.
Синоличка