Како е да се биде мајка, учиме сами
Осаменост и очај во рани зори додека вашето бебе неуморно плаче. Мекиот стомак, кој никогаш нема да биде ист. Неверојатната потреба за половина час мир и време само за себе. Сето тоа и уште многу работи се благодетите на родителството за кои никој не може да ве подготви. Мислевте дека породувањето е најтешката работа. Грчеви, ненаспаност, плачење, сето тоа помешано со многу емоции, одговорности, грижи, стравови, се моменти кои особено во првите месеци од мајчинството, за кои не постои соодветна подготовка, ниту упатство. Илузијата за совршено средна мајка која модерно дотерана се шета низ парк со бебето, исчезнува во првите денови од мајчинството. Немате време пристојно да се облечете, а не пак да отидете на фризер или да се дотерате.
Како е да се биде мајка, не може да ви даде одговор ниту една книга. Тоа е она кое го учиме сами, дома. Но има нешта кои се исти кај сите мајки и за кои не е лошо да се предупредени.
Еве ги миговите од првите месеци при запознавањето со бебето:
Сè околу вас ви изгледа неверојатно опасно
Иако светот одамна не е безбеден, со доаѓањето на вашето бебе и најневините предмети изгледаат многу опасно. За издувните гасови од автомобилите и да не зборуваме, а тешко е да се опише колку се плашите од вируси, бактерии кои се пренесуваат преку рацете на роднините и пријателите, кои сакаат да го допрат вашето најмило. Но, за среќа сето тоа ќе ве излудува некое време, а потоа како и сите родители ќе го прифатите фактот дека не можете целосно да го заштитите своето дете.
По девет месеци главна улога, вие сте во втор план
Сите ве мазеа и пазеа, се грижеа за вашите потреби и желби, а одеднаш целото ваше внимание е насочено кон тоа малечко чудо. И не дека ви пречи, но треба да се навикнете дека можеби никој нема да ве праша како сте и дали ви треба помош. Сега вие треба да одработите голем дел од обврските. Кој кажа дека е лесно да се биде мајка?
Никогаш нема да изгледате исто во костим за капење
Тешко дека вашиот стомак и колковите ќе изгледаат како пред породувањето, но со многу вежби можеби ќе се приближите до некогашната фигура. Ако остане малку вишок, тешете се дека тоа е само сладок потсетник на најдрагата улога. Сепак сте нечија мама.
Моменти на истоштеност и исцрпеност
Иако некои ви велеа да се наспиете, оти кога ќе дојде бебето, никогаш нема да можете да имате доволно време за одмор, тешко е дека сте можеле да се изнаспиете три месеци однапред. Но, сето тоа со тек на време ќе стане полесно.
Совршена мајка – енигма за вас
Да се биде мајка со уредно средена коса, супер стајлинг, без подочници, ви се чини како невозможна мисија. Илузијата за супер мајка која стигнува се да направи, ја снемува со првата непроспиена ноќ. Сите оние бајки од списанијата и слики на познати мајки со деца, дотерани комплетно, се само верзии подговени за јавноста. Зад тие совршени фотографии исто така се крие реалноста на пелените, грчевите, непроспиените ноќи, грижи и одговорности.
Доењето е најпрекрасната, но и најстресна вештина
Знаете дека доењето е најдобрата храна за вашето бебе. Но едноставно не оди. Не очајувајте и не се обвинувајте. Не сте поради тоа лоша мајка. Сте се труделе, но не оди. Одиме понатаму. Идиличната слика на мајка која дои, не ја постигнуваат сите мајки. Воспаление, застој на млекото, болни брадавици, сето тоа е другото лице на доењето кое понекогаш и најсилните мајки ги фрла во очај.
Пофалби за наследникот
Не можевте да ги сфатите пријателките кои пред вас станаа мајки, кога секој разговор го почнуваа и завршуваа со приказна за своите најмили. Бевте убедени дека вие ќе сте кул мама која реално гледа на своето мало човече. Нема да го фалите, да раскажувате до бескрај како успеа да застане на нозе, како рече „тато„, како ви мафна „па-па„. Е како се излажавте. Тешко дека ќе може да ви помине било кој разговор без прераскажување на случките со вашето напредно дете.
Да се биде мајка е најтешката работа во светот
Огромна одговорност и грижа помешани со неверојатната количина љубов, го прави мајчинството најтешка, но и најсакана работа на светото. Клише? Да, но многу вистинито.