За соодветната грижа орхидеите ќе ве наградат со спектакуларни цветови
Постојат многу видови на орхидеи, но орхидејата Phalaenopsis е најлесна за одгледување во затворени простории и најшироко достапна во расадници и продавници за цвеќиња. Бидејќи тие обично растат на дрвја, во топла и влажна тропска шума, потребно е да се обезбеди слаба светлина, топла температура и висока влажност.
Во домот, Phalaenopsis најдобро е да се постави на источен или западен прозорец во текот на зимата, држете ја подалеку од директно сонце, особено во летните месеци.
Орхидеите Phalaenopsis бараат релативна влажност од 40-60 проценти. За жал, нивоата на влажност во повеќето домови во текот на зимските месеци се далеку под овој опсег. За да ја добие потребната влажност, ставете го растението на послужавник или чинија исполнета со камчиња и вода. Испарувањето на водата од садот ќе ја зголеми релативната влажност во близина на растението.
Орхидеите треба добро да се наводнуваат и потоа да се остават малку да се исушат до следното наводнување. Внимавајте да не внесувате вода во круната или на листовите што растат, бидејќи тоа ќе предизвика гниење на вашата орхидеја. Наводнувајте ја орхидејата почесто кога растенијата активно растат и за време на цветањето.
Пресадете ги орхидеите само кога се чини дека корените го исполнуваат садот, обично на секои две или повеќе години. Отсечете ги сите мртви, обезбоени или оштетени корења и исплакнете ја старата деградирана кора од растението. Наводнувајте го ново засаденото растение за дополнително да се навлажни новата кора околу корените.
Phalaenopsis има дебели лисја и обично има една или повеќе гранки со нежно заоблени цветови. Цветот може да варира во боја од јасно бели, богато жолти до длабоко виолетови нијанси. Откако растението ќе процвета, може да го задржи цветот 4-6 месеци. Спречете го свиткувањето на цветната гранка со поставување на крут, тенок столб од бамбус, дрво или метал. Прицврстете го стебленцето на цветот на столбот лабаво со мали пластични штипки за растенија. Откако ќе заврши цветањето, отсечете ја гранката веднаш под местото каде што бил првиот цвет. На тој начин може да испровоцирате повторно цветање.
Ако на орхидеите им обезбедите соодветна светлина, вода и ѓубриво, тие ќе дадат спектакуларни цветови околу еднаш годишно, можеби и повеќе!