Близнаците без проблем се гледаат додека се во утробата
Развојот на сетилата кај бебето се одвива постепено, како напредува. Сетилото за допир се развива во осмата недела од првиот триместар. Тоа прво се појавува на образите, а потоа многу брзо чувствителноста на кожата се шири на пределот околу гениталиите (10-та недела), дланките (11-та недела) и стапалата (12-та недела). Во овој период од бременоста при ултразвучниот преглед може да се забележи како бебето го цица палецот или допира други делови од телото.
Во текот на 17-та недела се развива чувствителност на допир на стомакот, а до 32-та недела сите делови од телото на бебето во стомакот се осетливи на топлина, студ, притисок и болка.
Какви вкусови препознава бебето додека е во утробата?
Сетилото за вкус на бебето додека е во стомакот, делумно е развиено уште во 15-тата недела од бременоста. Истражувањата потврдуваат дека во овој период бебето го разликува вкусот на плодовата вода, во зависност од исхраната на мајката (на пример, вкусот на кромидот или лукот).
Дали бебето мириса кога е во утробата?
Носот се развива помеѓу 11 и 15 недела. Додека е во утробата, бебето го чувствува мирисот на плодовата вода, што зависи од исхраната на мајката. Во плодовата вода се откриени над 120 различни мириси што ги вдишува бебето.
Дали бебето слуша додека е во утробата?
Слухот почнува да се развива во осмата недела од бременоста. Веќе во 18-та недела се формира внатрешното уво и нервните завршетоци на мозокот се доволно развиени за вашето бебе да може да го слушне чукањето на вашето срце. Околу 25-та недела, бебето може да слушне надворешни гласови кои се малку пригушени, а до 27-та недела може да препознае гласови.
Дали бебето гледа додека е во утробата?
Последно се развива сетилото за вид, а очните капаци се затворени до 26-та недела. Во овој период мрежницата е целосно развиена и во текот на 26-тата недела бебето ги отвора очите и трепка.
Сепак, дури и со затворени очни капаци, до мрежницата на окото на бебето може да стигне безопасна, мала количина на светлина преку кожата на мајката, ако е на сонце или силна светлина.
Истражувањата покажуваат дека близнаците без проблем се гледаат додека се во утробата.