Замрзнување на јајце-клетки за зачувување на плодноста кај жената
Замрзнувањето на јајце-клетки е релативно нова постапка во областа на асистираните репродуктивни технологии. Тоа најпрво е започнато кај млади жени кои се на третман како хемотерапија или радиотерапија. Кај овие пациентки со замрзнување на јајце-клетките се надминува ризикот од оштетување на јајце-клетките во текот на терапијата за канцер, со што тие зачувуваат сопствен генетски материјал. На тој начин пациентката ја има истата репродуктивна дијагноза како и пред појавата на болеста, односно како во моментот кога јајце-клетките се замрзнати.
Во однос на постапката треба да се имаат предвид неколку фактори:
– возраст на пациентката
– оваријална функција
– фоликуларна резерва
Репродуктивната прогноза зависи од бројот на добиени јајце-клетки кои се успешно замрзнати. Бременоста не може да се гарантира, но постои можност за бременост со помош на постапките на асистирана репродукција.
Секако постојат повеќе фактори кои влијаат на плодноста на жената, од кои возраста е најдоминантниот. Плодноста кај жените е најголема во периодот меѓу 20 и 28 години. На возраст од 35 години шансите на жената да забремени се преполовуваат, на возраст од 45 години природната стапка на плодност во еден месец изнесува околу 1% .Затоа, жените со цел да го зачуваат својот потенцијал за плодност може да се одлучат на замрзнување на јајце-клетките, во случај јајчниците добро да функционираат. Со замрзнување на јајце-клетките во време на рана репродуктивна возраст може да се зачува фертилноста и да се зголеми шансата за бременост во иднина.
Освен кај пациентки со канцер замрзнувањето на јајце-клетките може да се изврши и кај пациентки:
– со повторувачки операции на јајчниците, како на пример ендометриоза
– кај кои е подобро да не се изврши ембрио трансферот во истиот циклус во кој се добиени јајце- клетките (кога постои ризик од оваријален хиперстимулациски синдром, развој на полипи, хидросалпингс, отсуство на сперматозоиди)
– со ризик од намалување на функцијата на јајчниците, прематурна оваријална инсуфициенција, оваријални цисти
– кои живеат во област со висока изложеност на пестициди и тешки метали
– воени припаднички кои ќе бидат изложени на хемиско и биолошко оружје
– млади жени кои сакаат да го пролонгираат мајчинството
– жени кои во моментот немаат партнер
– жени кои не сакаат да се грижат за биолошкиот часовник
Студиите покажале дека е препорачливо замрзнување на јајце-клетките кај пациентки со дијагностициран канцер, додека, пак, младите жени кои сакаат да го пролонгираат мајчинството мора да пристапат со внимание и на сопствен ризик, со оглед на тоа дека јајце-клетките во процесот на одмрзнување може и да не преживеат или, пак, да не се оплодат, односно да не дојде до успешна бременост.