Навики кои не се баш корисни
Хранете се здраво, вежбајте, добро наспијте се, се едноставните совети за тоа како да се остане здрав. Лесно е да се следат, нели? Сепак, може да биде многу покомплицирано, отколку што очекувате.
Честопати изборите кои ги правиме со цел да си го заштитиме или подобриме здравјето, можат да имаат спротивен ефект, односно да ни наштетат повеќе отколку да ни помогнат. Прочитајте за тоа како едноставните навики, како на пример миењето заби по секој оброк или честото носење влечки, можат да ви наштетат.
1. Кoмпулсивно користење дезинфекциско средство за раце
Ако секој пат кога ќе допрете нешто, веднаш се фаќате за средството за дезинфекција на раце, мора да направите пауза. Освен ако не работите на место каде сте изложени на многу бактерии како на пример болница, сапунот и водата се доволни. Кога не сте во можност да ги измиете рацете, а имате потреба од тоа, можете да искористите вакви средства, но прво прочитајте ја етикетата за состав. Последните истражувања покажаа дека овие средства содржат триклосан кој ги прави бактериите и вирусите резистентни на антибиотици (исто така и антибактериските сапуни можат да содржат триклосан). Наместо тоа изберете средство кое содржи барем 60% алкохол кој уништува 99% од бактериите при директен контакт.
2. Експериментирање со продукти за нега на кожа
Кој може да одолее да не ги купи најновите креми и серуми за нега на кожа кои ветуваат дека подмладуваат? Во ред е да побарате продукти кои ќе бидат соодветни за вашиот тип кожа, но мора да имате предвид дека потребно е време да ги видите првите резултати. Дерматолозите советуваат дека на било кој производ, откако кога ќе почнете со употреба, потребно му е време да даде резултати. Тоа може да биде од неколку недели до месеци, но доколку се држите до секојдневната рутина за нивна употреба. Секако при тоа не заборавајте дека прв и најважен фактор е да се нанесуваат средствата на чиста кожа. Честата промена на производите за нега на кожа може да има контраефект и да ја направите пречувствителна дури и да ви се развие розацеа – состојба која резултира со црвени, воспалени места.
3. Носење рамни влечки
По есента и зимата и носењето чевли и чизми неколку месеци, облекувањето влечки (апостолки) е совршено за ослободување на вашите стапала, нели? Па не баш. Според ортопедите овие влечки прават поголема штета отколку корист. Не само што зглобовите на нозете немаат доволно поддршка за носење на целата тежина туку при незгодно згазнување може да се повредите – да ги изместите зглобот, да ги искинете тетивите. Најмалата штета која може да настане при долго одење во влечки е воспаление на тетивите и мускулите поради постојаниот грч да го одржуваат телото во правилна положба. Освен честото носење влечки проблем е и ако одите боси, без разлика дали се работи за кратки растојанија како покрај базен или на плажа, низ трева. Не само што стапалата немаат никаква поддршка при движењето, ризикувате и да закачите некоја инфекција на кожата. Секако ова не значи дека цело лето треба да го поминете во затворени чевли, но кога купувате влечки размислете за анатомски, кои се поскапи, но ја даваат вистинската поддршка која им е потребна на вашите стапала.
4. Миење на забите по секој оброк
Миењето заби веднаш по секој оброк изгледа како добар начин да се одржи здравјето на забите и устата, но тоа има и уште еден несакан ефект. Имено храната остава на забите киселина која ја ослабнува глеѓта, а триењето на забите со четка во тој момент може да ја отстрани глеѓта и да го оштети забот. За да ги отстраните остатоците од храна во устата по јадење, се препорачува да ја исплакнете устата со вода, а миењето со четка да го оставите за наутро и навечер. При тоа внимавајте движењата да се циркуларни, бидејќи само така можете да ги отстраните остатоците од храна и бактерии меѓу забите и непцата. Четкањето на забите горе – долу, напред – назад, може да ги остави штетните бактерии и да предизвика воспаление на непцето. Исто така не треба да притискате силно за да не го оштетите непцето.
5. Само кардио вежби при спортување
За да ослабнете најдобар начин се кардио вежбите, но ако само нив ги правите, вашето тело ќе се навикне на рутината и со тек на време се‘ помалку масти ќе согорувате. Освен тоа повторените движења на лента за трчање или на елиптичен велосипед, може да доведе до истегнување на мускулите или друга повреда. Затоа заменете неколку минути од кардио вежбите со тренинг во кој ќе вклучите неколку различни вежби, со кратки паузи помеѓу нив. Така ќе му овозможите на телото различни состојби на напор и при тоа мастите ќе се топат полесно.
6. Прескокнување оброци
Најчесто жените ја имаат навиката да прескокнат оброк со цел да можат подоцна вечерта, да се напијат вино или пак да каснат нешто. Тоа не е проблем доколку во претходните оброци калориите ги имате распоредено правилно. Во спротивно ако прескокнете појадок или ручек, може да се јави поголем апетит поддржан со голема нервоза, а тоа води кон прејадување на крајот од денот. За да го спречите тоа во текот на денот обезбедете доволно протеински оброци и ужинки богати со нутриенти, кои ќе ве држат сити цел ден. Вечерта кога ќе одите на забава или коктел нема да претерате со јадење високо калорични јадења.
7. Пиење само купечка вода
Посегнувањето по вода од шише, секој пат кога сте жедни, мислите дека му правите добро на своето тело бидејќи не пиете обична вода која е загадена со кој-знае-што. Но, не сте во право. Водата во шишиња не содржи флуорид, а постојаното пиење таква вода доведува до оштетување на забите. Наместо тоа, слободно наполнете чаша вода од чешма, на која имате поставено филтер за прочистување (ако сметате дека има потреба за тоа), со што ќе се заштите од штетните материи, но сепак ќе го искористите бенефитот од флуоридот.
8. Чистење со средства за дезинфекција
Додека се грижите домот да ви биде беспрекорно чист и без бактерии, со цел да имате вие и домашните совршено здравје, користењето средства за чистење со антибактериски и дезинфекциски својства може да има спротивен ефект. Овие производи не е докажно дека се поефикасни од обичните средства за чистење, а постои доказ дека во нив има состојки кои можат да доведат до астма – тврдат научниците. Други средства содржат хемикалии како 2бутоксиетанол кој се смета за канцероген за луѓето, алкилфенол етоксилат кој може да ги поремети хормоните, како и етаноламини, кои предизвикуваат астма. Но, бидејќи компаниите кои ги произведуваат тие средства не се обврзани да ги напишат сите состојки кои ги има во нивните продукти на етикетата (затоа одете на интернет и побарајте информации) тешко е да знаете што купувате. Ако не сте во можност да најдете средства од еко-пријателска компанија (кои по правило ги пишуваат сите состојки на етикетите) тогаш решете се за средства за чистење кои сами ќе ги направите. На пример добра комбинација е да измешате еден дел вода со еден дел вински оцет или многу валканите површини исчистете ги со сода бикарбона. И двете средства имаат природни антибактериски својства. За да ја одржите хигиената во домот и да ги спречите бактериите да се размножуваат, важно е редовно да чистите со вакви обични, а ефикасни средства, наместо секој пат да посегнувате по интензивни антибактериски средства.
9. Интензивно користење нутритивни суплементи
Кога станува збор за витамините и минералите, повеќе е подобро, нели? Не секогаш, тврдат медицинските специјалисти. Според нив луѓето често посегнуваат по секакви суплементи не знаејќи што земаат и дали воопшто имаат потреба од нив. Денес има избор на разновидно овошје, зеленчук и др., кои ако редовно се земаат нема да имате недостиг од било кои витамини. Но, ако почнете редовно да се полните со вештачки витамини, може да си направите поголема штета: витаминот А во големи дози може да стане токсичен, витаминот Ц во големи дози предизвикува гастроинтеститални проблеми, додека премногу витамин Б6 може да поттикне оштетување на нервите. Затоа медицинските стручни лица советуваат ако почувствувате недостиг од некој витамини или минерали, да се обидете преку храната да ги надохнадите. Доколку сметате дека и покрај тоа имате потреба од внесување суплементи, консултирајте се со лекар.