Типи Хедрен: „Хичкок ми го уништуваше животот, а Холивуд молчеше“
Холивудската актерска легенда која годинава наполни 93 години, а позната е по улогите во филмовите „Птици“ и „Марни“ на Алфред Хичкок, во своите мемоари ја откри страшната вистина за славниот режисер. Таа раскажа дека легендарниот режисер бил болно опседнат со неа и поради тоа ја малтретирал и злоупотребувал. Кога Хичкок ја ангажирал, Типи имала 31 година, манекенската кариера ѝ била при крај, била разведена и сама ја одгледувала четиригодишната ќерка Мелани Грифит.
Улога по секоја цена
Тогаш режисерот ѝ се јавил и ѝ понудил договор, а воопшто не го интересирало дали таа знае да глуми. Со сопругата Алма ѝ помогнале да го научи пробниот текст кој бил потребен за аудицијата.
Својот голем план за тоа да биде главна ѕвезда во „Птици“ ѝ го кажал на една забава каде ѝ подарил брош со три птици на него. Во Холивуд сите се прашувале зошто таа улога во толку голем проект ѝ е доверена на непозната личност, но Хичкок инсистирал таа да биде главна актерка.
Набрзо почнал да ја третира како своја сопственост. Додека се шетала по сетот тој бизарно ја гледал, а кога ќе разговарала со мажите со кои соработувала, полудувал и со своето однесување ги вознемирувал сите, дури на Шон Конери и Род Тејлор со кои глумела, им забранил да ѝ се приближуваат.
– Жал ми е што минуваш низ сето ова- во еден миг ѝ рекла една колешка на сетот.
Еден ден во хотелот каде биле сместени, се обидел насилно да ја бакне пред сите, а тоа го виделе луѓето кои биле со нив, како и гостите во хотелот. Таа вриснала, го оттурнала од себе и избегала во соба. Ден потоа ја снимала сцената во која ја напаѓаат птици додека е во телефонска говорница. Една од механичките птици се забила во стаклото и тоа се распрскало по нејзиното лице. Типи долги години се прашувала дали тоа бил начин на кој Хичкок ја казнил затоа што го одбила.
Во друга прилика ја стиснал во агол и ја замолил да го допира на сетот, а неговата лична асистентка постојано ја убедувала да оди на вечера или пијалак со него. Типи сето тоа го одбивала и држела дистанца со него.
Следно било снимањето на сцената во која ја напаѓаат птиците додека е заробена во спалната соба. Помошникот режисер дошол и ѝ кажал дека механичките птици се расипале и сцената ќе ја снимаат со вистински птици. Таа храбро влегла во кафезот направен во спаланата соба и го чекала мигот кога ќе ѝ ги пуштат подивените птици.
– Беше грдо, брутално и немилосрдно – раскажа подоцна.
Потоа, за други сцени и прицврстиле живи птици на телото и една од нив за малку ќе ѝ го повредела окото.
– Не сакам веќе- вриснала во еден миг и заплакала.
Тогаш ја оставиле сама на сетот и одвај се вратила дома, а цел викенд паѓала во несвест од шок и исцрпеност. Кога во понеделникот повторно дошла на снимање, се онесвестила во гардеробата. Под лекарски надзор била една недела.
„Птици“ стана хит, а таа ѕвезда.
Мрачни фантазии
Следен проект кој морала да го одработи како дел од двегодишниот договор со Хичкок, бил филмот „Марни“ за жена која преживеала сексуални трауми. Шон Конери го глумел нејзиниот шеф кој ќе ја натера на брак и сака да се соочи со својот патолошки страв од мажи. Нивната прва брачна ноќ тој ја силува.
Типи верувала дека филмот е исполнување на фантазиите на Хичкок за неа. За време на снимањето на филмот тој нарачал маска направена според нејзиното лице, иако за тоа немало потреба. Гардеробата ѝ била сместена покрај неговата канцеларија, a тој можел незабележано да влезе низ задна врата. Постојано ѝ зборувал за тоа колку ја посакува, а еднаш ѝ изјавил и љубов. Таа повторно избегала, и многу го налутила, поради што ѝ се јавил и ја викнал во канцеларија кај него каде ја нападнал. Колку повеќе се борела, тој бил поагресивен. Тогаш ѝ рекол:
„Ќе ти ја уништам кариерата, нема да можеш да ја издржуваш ни ќерката ни родителите.“
Тоа ѝ се случило. Ја блокирал нејзината номинација за Оскар, ја прекинал секоја можност за нејзина можна соработка со други режисери и се погрижил никаде да не глуми. Но, таа сепак се борела.
– Можеби ми ја уништи кареирата, но не успеа да ми го уништи животот – вели жената чија ќерка е Мелани Грифит, а внука ѕвездата на „50 нијанси сива“, Дакота Џонсон.