Канелони со пилешкo
Состојки:
– 8 листови за лазањи, 400 г пилешко бело месо, 100 мл бело вино, 1 праз, ½ лажичка ким, 30-40 г кашкавал, маслиново масло, сол и црн пипер
За бешамелот:
– 1 л млеко, 100 г путер, 100 г брашно, сол
Приготвување:
Исечкајте го празот на тенки кругови и ставете го во тава со загреано масло да се пржи 5 минути. Пилешките гради исечкајте ги на парчиња и додајте ги во тавата со праз. Зачинете со ким, сол и црн пипер, полејте со вино, поклопете и гответе 10 минути. Со помош на рачен блендер иситнете ја смесата со праз и пилешко за да добиете паста. Потоа подгответе го бешамелот така што ќе го растопите путерот во лонец, додајте го брашното и мешајте неколку секунди додека се стопи, а потоа додајте го млекото и варете со постојано мешање додека се згусне. Во друг сад загрејте посолена вода. Кога ќе проврие додајте ги листовите лазањи, но еден по еден, затоа што ќе се залепат. По една минута варење вадете ги на чиста кујнска крпа. Во пастата од месо додајте 2 лажици бешамел и промешајте да се соедини. Во секој лист од лазањи ставете по две лажици паста од месо и завиткајте мали ролати. Садот за печење премачкајте го со малку бешамел, наредете ги канелоните, прелејте со остатокот од бешамел и изрендајте кашкавал. Печете 25 минути во рерна загреана на 180 степени.