Епилепсија и планирање на бременоста
Планирањето и водењето на бременоста од стручни лица е најголем предуслов за исполнувањето на желбата на жените со епилепсија да имаат здрави деца. Сите антиепилептични лекови имаат потенцијал да предизвикаат малформации кај плодот, но тој потенцијал не е така голем како што се мислело во минатото. Општо земено, ризикот е мал и овие жени можат да родат здрави деца
Дали може да се предвиди текот на епилепсијата во бременост?
Текот на епилепсијата во период на бременоста не може да се предвиди. Кај околу 50% од бремените жени честотата на нападите останува непроменета, кај околу 30% нападите зачестуваат, а кај околу 20% проретчуваат. Зачестеноста на нападите се поврзува со зголемување на нивото на серумски естрогени, задршка на натриум, а со тоа зголемување на количината вода во организмот, но и стравот, психичката напнатост, несоницата се фактори што можат да придонесат за зачестување. Затоа барем еднаш месечно да се проверува серумското ниво на лекот во крвта за по потреба да се одреди дозата на лекот, да се води контрола на големите напади кои ако се јават во напредна бременост може да предизвикаат недостиг на кислород кај плодот, а со самото тоа последици по плодот.
Кои се потенцијални ризици за плодот?
Познато е дека деца на родители кои имаат епилепсија имаат поголем ризик и самите да добијат епилепсија споредено со општата популација. Ризикот е поголем ако мајката има епилепсија, а помал ако има таткото. За развој на болеста влијае и појавата на напади кај мајката за време на бременоста. Овие жени имаат 3-5 пати почесто рани или доцни спонтани абортуси. Од посериозните малформации најчесто се јавуваат расцеп на горната усна и срцеви дефекти, а од малите се среќаваат малформации на прстите. Ризикот од појава на деформитет кај плодот е поголем кај повисоки дози лекови и при употреба на повеќе антиепилептици за контрола на нападите. Сите деформитети кај плодот се предизвикани во првите 3 месеци од бременоста кога се формираат органите кај плодот. Многу од жените и не знаат дека се бремени во првите 1-2 месеци од бременоста па ја пијат пропишаната максимална доза од лекот. Поради ова кај жени со епилепсија од големо значење е бременоста да се планира и редовно контролира.
Како се води бременоста кај жена со епилепсија?
Лекарот кој ја планира и води антиепилептичната терапија за време на бременоста се соочува со две спротивставени барања, а тоа се мајката да нема напади, а плодот да се заштити од несаканите ефекти на антиепилептиците. За да се сведат на минимум ризиците треба пред да започне бременоста пациентката да се префрли само на еден антиепилептик и тоа на најниската доза која дава ефект. Покрај ова од почеток на бременоста е потребно да се даваат мултивитамински препарати кои во себе содржат и фолна киселина. Во последните месеци од бременоста треба да се вклучи и витамин К за да не дојде до крвавења кај плодот. Во тек на бременоста задолжително е барем еднаш во 18. недела од бременоста пациентката да се упати на висококвалитетен ултразвучен (ЕХО) преглед за да се регистрираат евентуални малформации кај плодот. Ако такви малформации се регистрираат во зависност од нивната тежина бременоста може и да се прекине. Породувањето пожелно е да се изврши во институција која во својот состав има единица за интензивна нега и лекување поради опасноста од појава на епилептични напади за време на самиот акт на породување.