Деформитетите на рбетниот столб кај децата можат да се спречат со редовна физичка активност
Коскено-мускулниот систем кај децата во развој под влијание на внатрешните и надворешните фактори подложен е на различни деформации. Најчести причини се наследниот фактор, лошото држење на телото, претешките училишни торби, несоодветното и долго седење на училиште и дома, недоволната физичка активност како и наглото растење во пубертет.
Сколиозата е странично искривување на ’рбетниот столб, кој создава кривина во облик на буквата „С“ или „S“. Не секогаш има надворешни видливи знаци на деформитетот, но детето се жали на болка во торакалниот и лумбалниот дел од грбот при подолго стоење. Етиологијата често е непозната, а голем удел имаат секојдневните навики на лошо држење на телото.
Рана дијагноза и лекување
Кифозата или подгрбавеноста е зголемување на кривината во градниот дел од ’рбетниот столб. Посебно е воочлива при седење и ја следи завиеност на обете рамења нанапред. Често е последица на нагло растење, лоша положба при седење и слаба стомачна и грбна мускулатура.За успешно лекување на деформитетите неопходно е нивно рано откривање, како на училишните систематски прегледи така и при посета на соодветни медицински установи за третман на деформитети на мускуло-скелетниот систем. Прво се врши анализа на ставот на телото, изразеноста на гибусот во торакалниот предел (за кифозите), асиметрија на телото, едно рамо пониско поставено, поиспакната плешка, зарамнет ´ребрен лак, несиметричен агол на половината. Точната дијагноза се поставува со рендген снимка на ´рбетниот столб.
Како се корегираат деформитетите?
Раното откривање на деформитетот е предуслов за негово успешно лекување. Зависно од степенот се користат корективни вежби кои може да се комбинираат со носење еластични појаси, или во потешките случаи пластични корсети. Целосна или делумна корекција на деформитетот може да се изврши до завршување на периодот на раст на детето. Почеток во третманот на деформитетите на ’рбетниот столб секогаш е корективната гимнастика.
Тоа се посебно подготвени терапевтски вежби кои имаат за цел повторно воспоставување на рамнотежата помеѓу коскено-зглобниот и мускулниот систем. Вежбите содржински се адаптираат за секое дете, при што се јакнат одредени мускулни групи на грбот, засегнати со деформитетот, вежби за јакнење на стомачна и градна мускулатура, како и вежби за дишење кои помагаат во процесот на правилно формирање на градниот кош.
Доколку не е возможна целосна корекција на деформитетот, потребно е да се спречи неговата понатамошна прогресија. Ова претставува долготраен процес кој бара истраен ангажман од медицинските лица (физијатри и физиотерапевти), децата и нивните родители.