Градинарство: забавно хоби кое е добро за вашето здравје
Градинарството е навистина забавен и релаксирачки начин да стапите во контакт со природата, но дали знаевте дека има и многу здравствени придобивки? Тоа е активност која е добра за умот и телото, а во неа можат да уживаат сите без разлика на возраста. Дополнителна придобивка е што ќе јадете вкусно овошје, зеленчук и билки што сами ќе ги одгледувате.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, само 2,5 часа умерена активност секоја недела може да помогне во намалување на ризикот од многу здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар, висок крвен притисок и дијабетес тип 2.
И вашиот мозок има бенефит од времето поминато во градината. Да се биде надвор на свеж воздух и сонце е ефикасен начин да го подобрите расположението и да се ослободите од стресот. Всушност, градинарството се покажало како корисно за намалување на ризикот од депресија. Оваа активност може да ви донесе спокој и радост.
Тука се и здравствените придобивки што доаѓаат од производите што ги одгледувате. На овој едноставен начин ќе внесете повеќе свежо овошје и зеленчук во вашата исхрана, а сигурно ќе ги цените уште повеќе затоа што сами сте ги одгледувале. Градинарството бара малку трпение, но вреди кога ќе ја видите вашата чинија полна со свежите плодови на вашиот труд.
За безбедно градинарско искуство потребно е да имате соодветни алатки и опрема. Се препорачува носење лесни кошули, панталони со долги ногавици, капа за заштита од сонце, како и мачкање на крема за сончање. Секако ракавиците се задолжителни, за да се заштитите од евентуални повреди. И не заборавајте да ставите средство против комарци.
Безбедноста на почвата е уште една работа што треба да се има на ум. Особено во урбаните и приградските области, почвата може да биде контаминирана со тешки метали и други загадувачи, поради што добра идеја е да ја тестирате вашата почва пред да започнете со градинарството.
Градинарството е уште позабавно, ако ги вклучите децата. Тие можеби ќе го сфатат како нова игра, но сепак ќе научат и важни лекции дирекно или индирекно поврзани со здравјето. Ќе научат од каде доаѓаат разните видови плодови и какво влијание имаат на здравјето. Секако за нив обезбедете алатки соодветни на возраста и гледајте ги како ја истражуваат градината. Разговарајте со нив што и каде да засадите, а тоа можете да го претворите во интересна игра. На пример прашајте ги каде да засадите домати за здрава салата, зачини за повкусна супа и слично. И кога конечно заедно ќе ги наберете првите плодови, задолжително подгответе салата или супа.