Хистеросалпинографија – постапка за утврдување плодност кај жената
Oваа дијагностичка постапка се изведува со помош на Х- зраци, со кои се визуелизира внатрешноста на матката и јајцеводитe. Најчесто се препорачува кај жени кои подолго време имаат проблем да останат бремени.
За време на хистеросалпинографија, преку вагиналниот отвор се спроведува тенка цевка низ која протекува течност (контрасен материјал) низ матката. Бидејќи матката и јајцеводите се поврзани, контрасното средство се прелева и во јајцеводите. Додека контрасното средство ја исполнува внатрешноста на матката и јајцеводите, се прават слики со помош на рендген и тие даваат информации за внатрешноста на матката и евентуални проблеми како повреди или абнормална структура на матката или јајцеводите, или недоволно проодни јајцеводи кои спречуваат ембрионите да се движат низ јајцеводите до матката. Оваа блокада исто така може да спречи сперматозоидите да се движат низ фалопиевата цевка и да се спојат со јајце клетка.
Со помош на HSG може да се дијагностицираат и проблеми во внатрешноста на матката кои не дозволуваат оплодената јајце клетка да се вгнезди на ѕидот на матката. Ако јајцеводите се отворени, течноста ќе тече низ нив и ќе се прелева во стомакот, каде што ќе се апсорбира природно од страна на телото. Ако јајцеводите се блокирани, течноста нема да помине. Целата постапка трае од 5 до 10 минути, а потоа пациентката останува неколку минути легната. Оваа дијагностичка постапка е безболна. Некои пациентки може да почувствуваат грчеви како ментруални грчеви за време на циклус. Интензитетот на болката зависи од проблемот кој ќе се дијагностицира и дали истиот може да се третира за време на постапката.
Кога е најдобро да се направи?
Овој тест треба да се направи од 2 до 5 дена по завршување на менструалниот циклус и пред овулација за да се избегне користење Х зраци за време на бременост. Пред постапката се препорачува да се направат микробиолошки брисеви од вагина и грлото на матката.
Според некои студии, шансите за бременост се зголемуваат неколку месеци по хистеросалпинографијата. Ова е последица на испирање на јајцеводите, отворање на каналите или отстранување на некои остатоци кои се причина за зачнување.
Компликациите поврзани со хистеросалпинографија се многу ретки, како алергиска реакција на контрастот. Карлична инфекција или перфорација на матката се можни компликации, но се исклучително ретки. Превентивно по интервенцијата се препишува антибиотска терапија на пациентката за да се намали ризикот од инфекција по HSG.