Најдобри играчки се оние кои помагаат во развојот на нови вештини
Децата секогаш ќе бидат деца, но нивните играчки се сменија !
Преплавени сме со секакви сензорнo-стимулативни играчки со бучава и светлина, и платформи засновани на дигитални медиуми со софтвер и апликации ориентирани кон децата.
Изборот на соодветни играчки за мали деца во дигиталната ера е огромен, но најдобри играчки се оние кои одговараат на развојните вештини и способности на вашето дете и поттикнуваат развој на нови вештини.
Вратете се на традиционалните категории играчки
Карактерни играчки – играчките како кукли, животни и акциони фигури и играчки предмети како храна, прибор, автомобили, авиони и згради им помагаат на децата да научат да користат зборови и приказни за да имитираат, опишуваат и да се справат со настани и чувства од реалниот живот. Особено важно е што овие играчки ја развиваат имагинацијата, а имагинарната игра има голем удел во социо – емоционалниот развој на детето.
Играчки за развој на фина моторика – децата можат да научат вештини за решавање проблеми со традиционалните коцки, форми и облици. Овие играчки помагаат во развој на фината моторика и придонесуваат за подобар развој на говорот и мозокот. Некои од овие играчки, исто така, помагаат во развој на математичките вештини.
Уметност – едноставните работи како картонски кутии сè уште ги прават среќни малите. Боенките, боичките, маркерите, глината, налепниците се одлични подароци затоа што ја развиваат креативноста и помагаат да се подобрат фините моторни вештини.
Говор – многу традиционални играчки сега се достапни во електронски верзии, додека новите играчки често се обидуваат да ја заменат човечката интеракција. На пример, играчка мечка која на глас чита приказна. Но, вистинските човечки интеракции се од суштинско значење за растот и развојот на детето. Дигиталните играчки никогаш не треба да го заземат местото на вистинската игра лице в лице. Традиционалните игри со карти и друштвените игри создаваат можности за вас и вашето дете да комуницирате и да се забавувате заедно.
Безбедноста на играчките
Владините регулативи, подобрените безбедносни стандарди за производство и употреба на играчки и тестирањето на производите ги направија повеќето играчки безбедни кога се користат соодветно за препорачаните возрасти и фази на развој. Сепак, сè уште може да се најдат небезбедни играчки.
При одредувањето на безбедноста на играчките, треба да се земат предвид карактеристиките на играчката, како и начинот на кој играчката може да се користи или злоупотребува, како и количината на надзор или помош потребна за безбедно играње. Избегнувајте играчки со батерии или магнети со голема моќност, а за малите деца секогаш внимавајте дали играчките имаат ситни делчиња кои лесно се одвојуваат и децата можат да ги проголтаат.
Секако најдобро е при првото користење на било која нова играчка, да не го оставате детето без надзор и внимателно да испитате дали (може да) претставува некаква опасност за детето.