Микробрановата печка може да биде вашиот идеален кујнски помошник
Како секој кујнски апарат, можеби и кај вас микробрановата е ставена во заборав или ја користите колку да загреете млеко или да направите пуканки? Сепак постојат неколку начини на кои можете да ја користите и на тој начин да си заштедите време.
Ако планирате да приготвите кифлички или нешто друго од стасно тесто, не мора да чекате еден час откако ќе го замесите. Сад со вода ставете го во микробрановата неколку минути додека се наполни со пареа, потоа исклучете ја микробрановата и внатре ставете го тестото да стасува. Исто така е идеална за стерилизирање и чистење сунѓерчиња за садови во кои најлесно се збираат бактерии- влажното сунѓерче ставете го две минути на највисока температура и тоа треба да убие 99% од бактериите кои ги има во него. Друг начин да ја искористите е за омекнување на кафеавиот шеќер, кој лесно се стврднува. На влажна кујнска крпа ставете шеќер колку што ви треба, и загрејте го во микробранова 30 секунди.
Готвење месо и риба
Ако подготвувате појадок и сакате да јадете крцкава сланина, тенко исечканата сланина наредете ја во соодветна чинија и ставете ја да се пече две минути, додека добие крцкав изглед. Така ќе избегнете пржење на масло кое не е најздрава опција, зачаден дом, тава за чистење…
Месото испечено во микробранова добива вкус на гума и е жилаво, но рибата можете слободно да ја готвите во неа. Ставете ја во сад соодветен за печење во микробранова, зачинете со осл, лимон и црн пипер. Варете две минути на највисока температура. Две минути е отприлика земено време, бидејќи секоја микробранова печка е различна, но, по неколку пати користење ќе го најдете соодветното време за вашата. Подобро кратко гответе па повторно вклучете ја микробрановата, отколку да ја преварите рибата.
Зеленчукот варете го или печете го
Ако децата ви побарале чипс, а го немате, направете набрзинка домашен вкусен и здрав – исечете го компирот на тенки листови, малку посолете го и наредете го во микробрановата.
Зеленчукот приготвен во микробранова е исто како да сте го готвеле на пареа, а тоа е еден од најздравите начини. Со варење во вода дел од витамините и хранливите материи се губат од зеленчукот. Во микробранова зеленчукот се вари само неколку минути, па на тој начин ќе сочувате повеќе нутриенти.