Како да смирите гневно дете
Освен ако не сте светец, да се справите со дете кое е налутено и гневно е голем предизвик. Додека ниту еден родител не е воодушевен кога неговото дете има експлозивни испади, гневот е нормална и човечка емоција. Помогнете му на своето дете да развие добар капацитет за справување со својот гнев.
1. Не користете совети – кога детето е вознемирено помислете на него како на личност која има право да биде нервозна и во тие мигови советите не помагаат многу. Наместо да му објаснувате зошто не смее да биде гневно, поддржете го и прифатете ја причината за неговиот гнев – „Знам дека навистина сакаше да дојдеш со мене да ја земеме баба….Ох, мило“. Кажете малку, но искажете многу емпатија за вашето дете да почувствува дека ја разбирате неговата болка, иако не можете да помогнете да помине.
2. Прегрнете го – многу деца лесно се смируваат со физички контакт. „Знам дека си лут/а, но може ли да те прегрнам?“ Некои деца ја дочекуваат со раширени раце можноста да се почувствуваат комфорно и пријатно при физичкиот контакт со вас.
3. Движете се – гневот е енергија која можете да почувствувате како го покренува целото тело. Кога вашето дете е вознемирено понудете му да играте некоја игра со топка, да танцувате во дневната соба, да скокате со јаже или да отидете на возење со велосипед. Физичкото ослободување емоции ќе му помогне да се смири и нема да се однесува агресивно.
4. 3+10 – ова е едноставен начин за детето да научи и да запомни како може лесно да се смири кога се чувствува вознемирено. Најдобро е овој метод да го вежбате кога е смирено. Ставете ја раката на стомакот и кажете му на детето да го направи истото. Потоа заедно полека вдишете и издишете длабоко три пати, ама правете го тоа од стомак. На крајот од кусата вежба избројте до десет. Со овој метод можете да му помогнете детето да развие подобра само контрола.
5. Тропни и стисни- дајте му на детето една мека топка која може да ја стиска и гмечи. Исто така охрабрете го да тропа со стапалата кога е многу гневно, а може да прави и друга бучава. Бесот е енергија, и некогаш е добро да се ослободите од него на овој начин.
Овие лесни начини за контрола на гневот можат да ви помогнат во многу ситуации. Но ако вашето дете секојдневно е гневно, нерасположено и вознемирено, побарајте ја вистинската причина за таквите емоции. Ако не реагирате на време, може да дојде до спротивни ефекти како на пример – проблеми во учењето, социјелн притисок, депресија или хронични фрустрации.