Имплантациското крварење не е опасно, ако тоа ви го потврди вашиот лекар
Имплантациското крвавење претставува појава на мали точкасти крвавења кои се јавуваат помеѓу 6. и 12. ден од концепцијата (зачнување). Тоа е еден од раните симптоми на бременост. Доколку забележите ситни црвени точки на долната облека, не вознемирувајте се бидејќи оваа состојба не е опасна, но неопходна е консултација со гинеколог.
Зошто се јавува ваквото крвавење?
По оплодувањето на јајце клетката од страна на сперматозоидот доаѓа до зачнување (концепција). Потоа оплодената клетка патува низ јајцеводот и доаѓа до матката. Оплодената јајце клетка се закачува (имплантира) за ѕидот на матката. За време на имплантацијата можно е да дојде до појава на мало крвавење кое се манифестира во вид на ситни точки кои ќе ги забележите на долната облека. Не станува збор за никаков проблем и не треба да ве загрижува ваквата појава. Овој симптом најчесто се јавува кај 20-30 отсто од трудниците, од нив половина ќе остварат нормална бременост. Имплантациското крвавење обично се јавува рано во бременоста, уште пред да ги почувствувате утринските мачнини. Понекогаш ова крвавење се јавува во периодот кога го очекувате менструалниот циклус, па може да ве збуни. Но, за разлика од нормалниот менструален циклус, ова крвавење е многу послабо и обично трае од еден до неколку дена. Иако слабото крвавење претставува најчест симптом на имплантациското крвавење, сепак може да се манифестира само со грчеви во долниот дел од стомакот. Понекогаш крвавењето во раната бременост може да биде и знак на некои компликации, затоа доколку го забележите консултирајте се со вашиот гинеколог кој ја води бременоста.
Крвавењето претставува чест симптом во бременоста, а комбинацијата на гинеколошкиот преглед, ултразвучниот преглед и одредувањето на нивото на бета HCG и прогестерон се клинички и лабораториски иследувања со кои се прецизира оваа дијагноза.
Дали е потребен третман?
Дел од ваквите крвавење стопираат сами по себе. Овој симптом може да биде поврзан со различни етиолошки фактори па терапискиот пристап треба да ги излечи причинителите. Сепак, доколку станува збор за пообилно крвавење, разговарајте со вашиот гинеколог. Ако се работи за имплантациско крвавење поврзано со заканувачки спонатан абортус се препорачува строго мирување и терапија со прогестерон кој ја опушта и релаксира матката, како и чести контроли.
Други причини за крвавење?
Постојат повеќе причини за крвавења во бременост. Тие можат да бидат проследени со болка и грчеви во стомакот. Еве што може да предизвика крвавење :
Сексуален однос – на почетокот на бременоста може да се појави крвавење за време на сексуалните односи. Разговарајте со вашиот гинеколог дали може да практикувате односи за време на бременоста.
Ектопична бременост – доколку ембрионот се вгнезди надвор од матката, може да дојде до крвавење проследено со болки и грчеви.
Спонтан абортус – се смета дека 15% од бременостите завршуваат со спонтан абортус во првите три месеци. Обилно крвавење може да биде симптом токму за спонтан абортус.